Во Советот на Европа има огромно разбирање за Македонија. Бугарија во моментов е во пост мониторинг, можеби ќе биде и вратена во мониторинг поради кршење на основните човекови права на етничките Македонци како што беше кажано од страна на известителот за Бугарија, се работи за докажана пратеничка од Исланд која го прави извештајот за Бугарија, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на гостување во емисијата за или против што се емитува на телевизија Алфа.
„Еве ексклузивно во моментов во процедура има уште најмалку 17 тужби поднесени од Македонците во Бугарија против бугарската држава. Многу е веројатно дека сите 17 ќе ги добијат, односно ќе бидат во нивна корист“, информираше Николоски.
Николоски посочи дека бројката на предмети кои ќе ги имаат македонците од Бугарија добиено против бугарската држава видно ќе се зголеми.
„Со овие 17 тужби кои се подготвуваат бројката на добиени предмети во Стразбур ќе оди над 30 предмети во корист на Македонците во Бугарија како етничко малцинство, а против Бугарија. Значи ако некоја институција покажува коректен однос кон Македонија тоа е Советот на Европа“, рече Николоски.