Директор на рудникот „Иловица“ е син на најголем бизнисмен во Бугарија, Цоло Вутов, кој е близок на бугарската власт и пере пари во Кајманските острови, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во емисијата „Стадион“ на радио Канал 77.
„За рудникот Иловица сакам денес ексклузивно да споделам неколку информации. Тука носам предмет документи коишто сакам да ги споделам со јавноста. Јас сум против, апсолутно и тоа го кажав и како носител на четврта изборна единица, против отворање на рудникот Иловица таму, затоа што ќе го уништи целиот тој крај. Јас тоа го кажав јавно во изјава во рамки на изборите како носител на четворката и кажав дека ќе направиме она што сака народот“, појасни Николоски.
Додаде дека тоа што го сака народот тоа треба да се направи, а тоа јасно го вети и ВМРО-ДПМНЕ. Се што бара народот, тоа ќе го добие од ВМРО-ДПМНЕ. А, народот очигледно не сака отворање на рудникот Иловица.
„Во тек на 2019 година со дозвола од Комисијата за заштита на конкуренција којашто е владино тело, ‘Еуромакс’ е продадена на сомнителна фирма регистрирана во Кајманските острови, веројатно луѓето никогаш и не слушнале за Кајманските острови, наречена ‘Galena Resource Equities Limited’. Што е интересно? Интересно е дека таму каде што е регистрирана оваа компанија се регистрирани уште ни помалце ни повеќе уште 22.000 компании. И поранепниот претседател на САД, Барак Обама, во тоа време зборуваше дека се работи за најголемата шема за перење на пари, а тоа е оваа зграда во која што е регистрирана прилично малата компанија. А, во таа зграда се регистрирани ни помалце ни повеќе туку над 20.000 компании“, нагласи Николоски.
Николоски посочи дека и весниците низ Велика Британија како што е The Daily Mail пишувале како претседателот Обама еднаш сугерирал дека „Ugland House“ како што се вика зградата симболизира нешто погрешно во однос на даночните раеви. И посочуваше дека во таа зграда има над 20.000 фирми. Дури велел дека тоа е или најголемата зграда во светот, а се гледа дека не е воопшто голема зграда, или се работи за најголемата шема за перење пари.
„На оваа адреса е регистрирана фирмата која што ја презема „Иловица“. Што е следно интересно? Таа фирма ‘Galena Asset Management’ во моментов поседува 53 отсто од Иловица. Значи станува доминантен сопственик фирма од Кајманските острови. Таа фирма го поставува за директор на Иловица, Иван Вутов, за којшто јасно вели дека е нивни претставник во бордот на директори на Иловица. А, она што е интересно за Иван Вутов е дека е син на Цоло Вутов, еден од најбогатите луѓе во Бугарија, близок пријател на актуелната власт во Бугарија. А, за него е кажано дека во рамки на компнијата тој има доминантно учество односно овие 53 отсто да поедноставам најверојатно се сопственост на Цоло Вутов“, истакна Николоски.
Николоски рече дека Цоло Вутов го поставува својот син Иван Вутов за директор на Иловица. Интересно е тоа што од 2019 година завршувајќи со октомври оваа година кога влегува ова лице како директор на Иловица коинцидира со случајната одлука на Вишиот Управен суд кој што реши работата со Иловица да ја врати од почеток со цел таму да може да се копа, односно таму да има рудник.
„Сакам јавно да поставам прашање дали е само случајност тоа што Зоран Заев ветил рудник на Бојко Борисов, тоа што рудник не се дозволуваше да се отвори, ама откако влегол сомнителен капитал од Кајмански острови, а за директор влегува бугарски државјанин односно син на еден од најголемите бизнисмени во Бугарија наеднаш судот носи различна одлука. А, ова е прашањето на кое што очекува одговор голем дел од Источна Македонија“, појасни Николоски.