Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски при денешната посета на Општина Кавадарци, одговарајќи на новинарско прашање, дали има почеток за преговори за Украина со Европската Унија, каде е Македонија на тој пат?, истакна дека тоа што се случи минатата недела е најдобар доказ на тоа што ВМРО-ДПМНЕ, а и тој лично го зборувале од 2018-та година, пет ипол години, дека основната причина зошто Македонија не ги почнува преговорите е високото ниво на криминал и корупција во врвот на власта.
„Она што се случи минатава недела е најдобар доказ на тоа штого зборуваме од 2018-та година, еве пет ипол години, а тоа е дека основната причина зошто Македонија не ги почнува преговорите е високото ниво на криминал и корупција во врвот на власта. Зошто го велам ова? Затоа што доколку не беше така проблемот со Бугарија големите европски сили ќе го решеа за едно претпладне или попладне можеби и толку немаше да им треба, можеби и за час – два ќе го решеа. Ќе отидеше еден висок европски претставник во Софија ќе се сретнеше таму со кого треба да се сретне и проблемот немаше да постои“, кажа Николоски.
Тој додаде дека Бугарија е само добар изговор за 4-5 големи земји членки на Европската Унија.
„Имајќи предвид дека не го прават тоа очигледно е дека Бугарија е само добар изговор за 4-5 големи земји членки на Европската Унија, тука не мислам на Германија. Кои мислат дека Македонија не е спремна да почне преговори пред се заради високото ниво на корупција и немањето на функционален систем на владеење на правото. Да не беше така немаше Македонија да чека волку долго и само да ја потсетам јавноста дека во 2018-та и 2019-та година немаше бугарско вето, тоа дојде дури во март 2020-та година, но Македонија не почна преговори ни 2018-та, ни 2019-та година, а од март 2020-та година, па до денес големите европски центри не прават ништо да ја натераат Бугарија да го повлече ветото, а всушност најдобар доказ за тоа е ова што се случи со Украина. Еве од СДСМ велат дека Олаф Шолц германскиот канцелар им е голем пријател, нели се од исто политичко семејство, социјалистите од социјалдемократите па се прашувам зошто тие големи пријатели кои ги имаат со кои нели се фалат и се китат со туѓи перија, не го замолија бугарскиот премиер да излезе на едно кафе на 15 минути да се изгласа одлуката Македонија да почне преговори со Европската Унија и на тој начин да се реши проблемот“, истакна Николоски.
Дециден е дека самото тоа што европските лидери не го прават тоа и самото тоа што „големиот пријател“ на социјалдемократите Олаф Шолц не го замоли бугарскиот премиер да излезе на едно кафе како што го замоли унгарскиот премиер, покажува дека големите европски центри сметаат дека Македонија не е спремна.
„Украина имаше проблем со Австрија и Унгарија и делумно со Словачка кои се далеку далеку помоќни од Бугарија и никој не може да ме убеди дека доколку европските центри сметаат дека Македонија е спремна, тогаш Македонија нема да почне преговори и очигледно Бугарија се користи како добар изговор, но тоа е причина плус за промени во државата затоа што мора прво да се избориме со криминалот и корупцијата, ако сакаме да не гледаат сериозно и да можеме да чекориме напред“, потенцираше тој.
Истакна дека доколку Македонија се избори со криминалот и корупцијата, тогаш првите резултати можат да се видат за 6 до 9 месеци и тогаш комплетно ќе се промени односот кон Бугарија и нема да го има овој проблем во оваа форма во која го има сега.