Николоски го поддржа извештајот на Совет на Европа за злоупотреба на прислушкувањето и следењето

Би сакал да го поддржам овој многу важен извештај. Со право се вели дека – Собранието треба да ја осуди употребата на шпионски софтвер од страна на државните органи за политички цели, што е прекршување на правото на почитување на приватниот живот и другите права гарантирани со Европската конвенција за човекови права, посочи Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во својот говор во Советот на Европа.

„Употребата на шпионски софтвер од типот Пегазус треба да се ограничи на исклучителни ситуации како последна мерка, за вистински и сериозни закани за националната безбедност или специфични и дефинирани тешки кривични дела.

Државите кои наводно го користеле Пегазус за нелегитимни цели треба да го информираат Собранието и Венецијанската комисија за неговата употреба, да спроведат ефективни истраги и да обезбедат обесштетување на жртвите.

Сите земји-членки треба да се воздржат од користење на овој вид шпионски софтвер додека нивната законска рамка за тајно следење не биде целосно усогласена со барањата на Конвенцијата, како што оцени Венецијанската комисија.

Во мојата земја Македонија постои голема загриженост дека Владата незаконски користи злонамерен софтвер за пресретнување на комуникацијата на опозицијата, вклучително и мене, како и на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и други политичари од високо ниво. Побаравме собраниски надзор, но не добивме кредибилен демант дека во Македонија нема надзор на граѓаните со таканаречен злонамерен софтвер или напреден софтвер, кој буквално влегува во домот на граѓаните.

Она што исто така можам да го кажам е дека ние како најголема политичка партија во Македонија имаме сериозен сомнеж дека сме под континуиран физички надзор како опозициски политичари, што најверојатно незаконски го прават одредени структури кои се во безбедносниот сектор во државата.

Она што исто така можам да го кажам е дека дел од овој вид на злонамерен софтвер е произведен во Македонија. Една компанија, компанијата „Ситрокс“, веќе е на црната листа на САД токму поради оваа работа.

Од 2021 година, различни истражни извештаи открија дека владите на неколку земји-членки на Советот на Европа набавиле и користеле шпионски софтвер наречен Пегазус. Владата на мојата земја е една од нив. Големо прашање е, како се користи и за што?

Постои големо сомневање дека се користи за политички цели при што се кршат човековите права, за ова мора да се спроведе соодветна истрага, а одговорните мора да се изведат пред лицето на правдата за криминалот што го направија со незаконско користење на ваков софтвер за незаконско следење и прислушување на опозицијата“, рече Николоски.