Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните медиуми го поздравија постигнатиот договор во Клубот на Пратеници после кој се приведе до крај, како што велат, „заложничката криза“ во која беше ставена Македонија под диктат на СДСМ.
Пратеникот Александар Николоски вели: „Конечно се прекина агонијата која СДСМ ја наметна на целата држава. Договорот од клубот на пратеници значи почеток на одбројувањето до 24-ти април. Тогаш СДСМ ќе се увери што граѓаните мислат за нивната деструктивност и за обидите без поддршка од народот да дојдат на власт“.
Сличен став има и пратеничката Нола Исмајлоска Старова за која е добро што е постигнат договор со кој завршува неколкумесечната заложничка криза во режија на СДСМ, најавувајќи дека народот ќе ги издржи наследниците на Црвенковски во наредните шест месеци и ќе им пресуди на 24-ти април.
Пратеничката Лилјана Затуроска се осврнува на досегашното делување на СДСМ и нивното повторно влегување во власта без победа на фер и демократски избори, како и во 91-вата, 94-тата и 2001-вата година.
Зоран Илиоски најавува уште поголема сплотеност во редовите на ВМРО-ДПМНЕ со насилничкото дејствување на СДСМ кое резултирало и со разочарување меѓу нивното членство и лутење на неопределените гласачи кои цела година се заложници на деструктивните политики на СДСМ. На крај Илиоски заклучува: „На 24 април народот ќе им одржи лекција по демократија. Не поединци, не партии, не пленуми, не олеснувачи, не амбасадори… туку НАРОДОТ. Ова е твоја земја. Ти одлучуваш!“.
Пратеничката Светлана Карапетрова потсетува дека СДСМ ќе одлучува во извршната власт со претставници кои не добиле поддршка од граѓаните, како и дека Заев во владата ги сместил своите најблиски соработници.
Пратеникот Димитар Стевананџија има и духовит предлог за воведување загарантирана квота во владата на секои избори како гарант за вработување на раководството на СДСМ во секоја влада, бидејќи тоа не може да го сторат со победа на избори на кои ќе ја добијат довербата од народот.
„Можеби е најдобро за СДСМ да има загарантирана квота во владата на секои избори! На друг начин без поддршка од народот не ќе можат да го вработат претседателството“.