Николоски: Македонскиот народ мора секогаш да ги искористи тековите на светската политика и историја

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во своето гостување вечерва во емисијата ,,Заспиј ако можеш” на телевизија Алфа говореше за неговиот дводневен престој на вонредната седница во Советот на Европа посочувајќи дека ја искористил можноста да испрати порака која е суштински битна за Македонија и Македонците.

„Сметав дека е битно таму да се каже тоа што го кажав, една причина затоа што е организација која работи на заштита на човекови и јазични малцински права и, второ, затоа што целиот европски и светски фокус беше таму. Ова не се случува секој ден и не е дека некој од Македонија заминал во странство па кажал и не е кажано било каде и во која било форма. Еве, на пример, да ви набројам кои се членови на грчката делегација, кои се членови на бугарската. Член на грчката делегација е поранешниот премиер Папандреу, поранешната министерка Дора Бакојани и Котругадос. Членови на бугарската се Екатерина Захариева, натаму една од најпроминентните пратенички на новата партија на Кирил Петков, Магдалена Кунева која што беше и еврокомесар од страна на Бугарија и Христо Иванов кој е претседател на партијата Демократска Бугарија која е коалиционен партнер на оваа влада“, додаде Николоски.

Рече дека му е особено драго што по завршувањето добил аплауз од речиси целата сала што ретко се случувало во Стразбур.

„Мислам дека македонскиот народ како еден напатен, намачен и мал народ мора секогаш да ги искористи тековите на светската политика и историја. Не смееме веќе како народ да бидеме наивни и да одиме спротивно на ветрот. Македонскиот народ до сега двапати ги искористи тековите на историјата и многупати отиде спротивно на ветрот. Тие двапати кога ги искористи тековите направи држава, првиот пат е Втората светска војна кога македонскиот народ ја избра вистинската страна, антифашистичката страна“, рече Николоски.

Според него, во тие 45 години, пред сѐ, дејци на ВМРО сонувале за независна и обединета Македонија со демократско парламентарно уредување и прозападен протекторат.

Николоски кажа и дека кога почнал да паѓа комунизмот, македонскиот народ ја препознал таа шанса, успеал да се извади од поранешна Југославија низ еден демократски референдум и да создаде своја држава.