Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостувањето кај Јанко Илковски на ТВ Сонце истакна дека во оригиналната верзија на договорот напишана на англиски јазик, постои можност за неодржување на референдум за промена на уставното име на државата.
Тој вели дека во оригиналниот договор на англиски се користи зборот ,,or’’, а не зборот ,,and’’, што во превод значи дека референдумот не е обврска која македонската страна мора да ја исполни.Според Николовски сите оние кои се разбираат во меѓународно право знаат дека има голема разлика помеѓу овие две зборчиња, а зборот ,,or’’ означува опционалност на референдумот. Со други зборови во договорот пишува дека стапува во сила кога се ратификува во Собранието или кога ќе се организира референдум, со тоа што после зборот референдум, повторно има запирка и пишува, доколку втората страна (Македонија) така одлучи!
Ваквата игра на зборови ѝ дава можност на Владата да нема референдум или пак да има и референдумот да биде консултативен, односно да нема потреба за цензус на таквиот референдум. Николоски забележа дека и доколку се спроведе задолжителен референдум, а не биде успешен, тоа нема да влијае на референдумот, бидејќи веќе е ратификуван во Собранието.
Николоски забележа дека Заев постојано ги менува своите ставови, и спомена повеќе примери. „Ние имаме работа со човек чиј став не држи три дена“, вели тој. Тој ја спомена изјавата на Заев каде, актуелниот премиер вели дека нема да се согласи на промена на уставот, а по само еден месец го промени повторно својот став. Според Николоски не може да му се верува на зборот на Зоран Заев, дури и кога вели тој дека ќе има референдум.
„Веројатно постои таен договор за промена на преамбулата на Уставот, Заев се откажа од Илинден и АСНОМ“, рече Николоски, кој посочи дека со договорот ќе се менува и преамбулата на Уставот, а бидејќи во детали во договорот не пишува како ќе се менува преамбулата, тој верува дека за ова прашање има посебен и таен договор.
„Преамбулата на Уставот се повикува на историскиот континуитет на македонската држава, во преамбулата се повикуваме на Илинденското востание и Крушевската република како и АСНОМ“, рече Николовски и оцени дека со договорот премиерот Заев се откажал и од државниот континуитет на Македонија од АСНОМ и Илинден.
Николоски порача дека „се откажуваме од историјата, од Илинден и АСНОМ и се обврзуваме само на историјата која се одвивала на денешната територија, а со тоа всушност самите кажуваме дека сме Титова творба како што милуваат да кажат Бугарите“.
На Македонија во договорот и се наложува и промена на Членот 49 од уставот кој се однесува на заштита на македонските национални малцинства потенцира Николоски. Со промена на овој член Македонија според Уставот повеќе нема да има право да се грижи за своите малцинства во соседството забележа Николоски. Македонците од егејскиот дел на Македонија, ќе нема да можат да кажат дека говорат македонски, а ние нема да можеме да ги штитиме нивните права вели тој.
Во своето гостување на телевизија Сонце, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски истакна дека најголемата опозициска партија ги гарантира македонските национални интереси, и побара од граѓаните да бидат спокојни. ВМРО-ДПМНЕ нема однапред да му ги соопшти на својот политички противник своите понатамошни чекори и со какви методи ќе се користи опозицијата, додаде тој.
„Немам намера три месеца однапред на Заев да му кажувам како ќе постапиме и какви методи ќе користиме, граѓаните да бидат спокојни ВМРО ДПМНЕ ги гарантира националните интереси“, рече Николовски и посочи дека во повеќе наврати од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека ќе ги искористат сите демократски и правни механизми да не дозволат овој договор со Грција да стапи во сила.