За жал, се потврдија повеќемесечните стравувања, како и нашите укажувања во однос на евроинтеграциите на Македонија, дека земјата ризикува да не добие датум за почеток на преговорите, не само поради спорот со името, туку и поради катастрофалното ниско ниво на реформи, преупреди во саботата на прес-конференција Александар Николоски, потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Укажувавме дека реформи нема во клучните области, како што се владеење на правото, борба против организираниот криминал и корупцијата, реформи во администрацијата, економски реформи, како и реформи во клучните области како здравството, трудот и социјалната политика, образованието и екологијата. Тоа јасно беше посочено во извештајот на Европската комисија за Македонија, кој иако беше позитивен, имаше јасна критика во делот на реформи. И пред објавување на извештајот, а и откако беше објавен извештајот, јасно укажувавме дека реформи нема, а дека причината поради која Македонија доби позитивен извештај се исклучиво политичките критериуми. Тие се доволни за Комисијата да препорача почеток на преговори, но се недоволни земјите членки да прифатат почеток на преговори затоа што бараат реални реформи, бараат граѓаните на Македонија да живеат според европските, а не според африкански стандарди и јасно кажаа дека неподготвени земји веќе нема да се примаат во Европската унија“, рече Николоски.
Додаде дека и поради сето тоа не треба да зачудува што влијателни земји, како Франција, Холандија, Данска… составуваат „нон пејпер“ во кој се спротивставуваат на давањето датум за почеток на преговори на Македонија во јуни.
„Овие земји се пријатели, а не непријатели на Македонија. Тие само го констатираат она што Европската комисија претходно го напиша, а Владата не сакаше да го прочита, нешто за што и не ни треба извештај од Европската унија за да го видиме. Граѓаните тоа секојдневно го чувствуваат. Знаат добро граѓаните на Македонија дека реформи нема, дека напредок нема, дека економија тоне, криминал и рекет има на секој агол, корупцијата цути и има неформален брак меѓу власта и нереформиораното судство каде власта на (премиерот Зоран) Заев ги пишува, а судот ги објавува политичките пресуди. Знаат граѓаните и за министрите кои работат од 10 до 2 и директорите од 12 до 2, а остатокот од времето го трошат или по кафеани или во подготовка на криминални зделки’, посочи Николоски.
Оттаму, додаде претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не треба да чуди што Европската комисија напиша а земјите членки во својот ‘нон пејпер’ потврдија каква катастрофална политика води Владата на Заев
„Таму пишува ‘За Македонија, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е ‘тукушто започната’ и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација. Борбата против корупцијата и организираниот криминал се уште не даде задоволувачки резултати и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека, пак, капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу коишто е и политичкото мешање”, цитираше Николоски.
Укажа дека вакви констатации не прават самиот тој или ВМРО ДПМНЕ, туку оти станува збор за заклучок на Европската Комисија и затоа не треба да нѐ чуди што во документот изработен од неколку земји членки на Европската унија стои дека во однос на датум за почеток на преговори би се навратиле само и кога итните реформски приоритети ќе бидат исполнети.
.Значи Заев може да ги распродава националните интереси колку што сака, може да прифати и најсрамен и најпонижувачки договор во однос на спорот којшто го имаме со Грција, но тоа нема да му ја покрие неработата и корупцијата затоа што таа се гледа и Македонија нема да добие датум за почеток на преговори со Европската унија. Заев може да ја нареди во судот па да добие ослободителна и сите да ги убедува дека тоа што го слушнале и виделе не е така, но неможе во истото да ги убеди Франција, Холандија и Данска како и другите земји членки на Европската унија. Со месеци зборував дека постои договор меѓу врвни функционери во Македонија и Албанија како би се закочил реформскиот процес во Македонија и двете земји би се ставиле во една група. Тоа и се случи. Значи не било она што го кажував јас научна фантастика туку било вистина за жал! Македонија која беше далеку пред Албанија сега е во иста група и за двете земји нема почеток на преговори со Европската унија, затоа што во двете земји цути криминал и корупција, нема реформи, економијата оди надолу и се уништува здравството, социјалата и образованието“, посочи Николоски.
Поради ваквите состојби, опозицискиот политичари, апелираше Владата да преземе одговорност и клучните луѓе во овие области, односно министрите за надворешни, за евроинтеграции, за внатрешни работи, за финансии и за екомомија, како и од секторите здравство и труд и сопцијална политика, да поднесат оставки на должностите.