ФОТО| Николоски: Очекувам да заживее источниот дел на земјата со експресниот пат Страцин – Крива Паланка

Нема поубав начин да започне Новата година како овој, со отварање на ваков капитален проект што ќе остане со децении, векови после нас. И затоа честитки за сите, за цела држава, за сите кои ќе го користат овој пат затоа што ќе го забрза протокот и комуникацијата меѓу вас и главниот град, Скопје, со Истокот на Македонија, изјави денеска на свеченото пуштање во употреба на експресниот пат Страцин – Крива Паланка, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој истакна дека ова ќе претставува витална артерија за поврзување со источниот сосед, како и за развој на индустриски капацитети од левата и од десна страна на патот.

-Ќе претставува витална артерија за поврзување со Бугарија и секако очекувам да се развие економијата на левата и на десната страна од овој скспресен пат, да се развиваат нови индустриски капацитети, да се отвараат нови, фабрики и целосно да го заживееме источниот дел на Македонија, истакна Николоски, кој изрази благодарност за посветеност на сите и на премиерот кои успеаја да го завршат овој проект.

-Кога беше избрана Владата се соочивме со многу проблеми, застанати проекти, проекти кои ниту имаа јасно финансирање, ниту јасен план како ќе бидат завршени, ниту извесност за завршување. Благодарение на посветеноста на Владата, морам да ја потенцирам и личната посветеност на премиерот Христијан Мицкоски, успеавме да го завршиме овој проект, за што сум многу благодарен, рече Николоски во своето обраќање.