Николоски: По изборите нема да има селекција, секој ќе одговара

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, носител на листата на кандидати за пратеници од ИЕ 4, вечерва гостуваше на телевизија Алфа на емисијата „Што не е јасно“ на која се осврна и на областите право и правда. Тој укажа дека Заев е носител на корупцијата  зошто не се грижи за граѓаните, туку за личните интереси и интересите на СДСМ.

„Заев продуцира само афери. На пример во Струмица во услови на корона криза само пет фирми, блиски до него за 4 месеци имаат поврат на ДДВ од 5,2 милиони евра или за 4 месеци створиле залиха од 25 милиони евра што никој нормален не може да поверува. Но, парите им се легнати на сметка и СДСМ веројатно се обидува да ја финансира кампањата, ама ќе видиме како одело тоа и ќе се одговара“, рече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека првпат се гледа како висок функционер полни куфер со пари.

„Прво, првпат гледаме како функционер, директор на Фонд за здравство, зема пари. Тој пак е максимално заштитен од Заев. Во нормална држава ќе беше пред институциите и ќе докажуваше. Второ, материјалите кои излегоа во Ла Верита, а зборуваат за поткуп во повеќе градови тоа е корупција и манипулација на избори, а нема предмет. Триесет години во Македонија народот изгуби верба, ова се процеси кои се повторуваат. Македонија е скапана од корупција и корупцијата ја има од најниско ниво до највисоко. Не може да се заврши работа во Катастарот ако не почасти некој, не дај боже да се има мака во суд, ако ние тоа не го удриме директно ништо нема да биде, затоа мора директно и одма да удриме. Но, не може се да се среди преќу нок“, кажа Николоски и додаде „правото и правдата мора да се спроведат затоа што луѓето гледаат и нечесно е кон овие што се чесни, бидејќи сега луѓето бегаат од државава поради оваа состојба“.

Николокси укажа дека по изборите нема да има селекција, односно секој ќе одговара.

„Не смееме да дозволиме пазарен инспектор да е крал во општината, не смееме да дозволиме одредена авто школа да не работи зошто полицаец има негова и ја блокира другата. Кога граѓаните гледаат како Заев вели евро за вицето, евро за црквата, велат зошто да не можеме ние.

А за да се реалзира ова  проект број еден ќе биде дигитализацијата или колку помалку човечки фактор толку помалку корупција“, рече Николоски и додаде дека „ако на царина имате скенер, ќе се знае што има, каква роба, брендирана или обичен текстил, еве провокација за Заев и фамилијата, по изборите ќе има интересна истрага на оваа тема“.