Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во саботата одржа седница на која се дискутирало за актуелната ситуација во земјата поврзана со изборите и одржување на вториот круг на локалните избори, како и за поддршката за места каде што партијата нема свои кандидати, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Состаноците на органите на партијата коинцидираат со историскиот датум 23-ти Октомври, Денот на ВМРО, односно Денот на Македонската револуционерна борба. На овој историски ден од огромно значење и важност за нашата историја, за македонскиот народ и македонската држава, ИК на ВМРО-ДПМНЕ донесе проглас:
ВMРО-ДПМНЕ како партија на народот која ги темели своите вредности и принципи на идеите на македонската револуционерна организација вдахновени во модерните идеи за Македонија како место на заеднички живот, просперитет и напредок преку почитување на принципите на солидарност, слобода и напредок.
Свесна за предизвиците со кои се соочува државата и потребата од мобилизирање на сите расположливи капацитети во функција на напредокот и новата иднина на државата, кога таа се наоѓа во еден безизлез раководена од корумпирана власт која е безидејна, и создава хаос, безредие, демонстрира неспособност.
Свесни дека секој слободен граѓанин на оваа земја е силата на промените кои се неопходни за да има подобра иднина.
И свесни дека секој може сам за себе да одлучува.
Повикуваме на заедништво, слога и обединување кон заедничката цел на сите без разлика на политичка, етничка, верска или друга припадност.
Препорачуваме дека е време за обединување на сите сили кои се против политиките на власта. Силите кои сакаат добро, напредок, сакаат нова подобра иднина и промени, проекти и победи.
Повикуваме на обединување на сите прогресивни сили против власта која носи порази, омаловажувања, неуспеси, го одзема достоинството.
Таквото обединување значи масовна мобилизација на граѓаните кои бараат подобра иднина, успеси и работа. Секоја наша разлика е помала од заедничката цел – Македонија да ја развиваме, економски да зајакнува, политички да се интегрира. Мора да ги срушиме ѕидовите на поделби и омраза наметнувани од власта. Затоа е потребно мобилизација, излезност и народно обединување на граѓаните.
За таа цел ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијанса за Албанците и Алтернатива. Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржи кандидатите кои се опозиција на власта и кои се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална.
Ние нема да кажуваме во тие места дека гласовите ги имаме во џеб или се наша сопственост и нема да ги третираме граѓаните како да ги имаме кај себе, како што тоа го прави СДСМ, но воедно повикуваме слободоумно и отворено да излезат и да ги поддржат кандидатите на тие места кои искрено се борат против власта.