Николоски смета дека ќе биде „душмански“ кон Буџетот да се прекине договорот со „Бехтел и Енка“, бидејќи парите се кај нив и не може да се вратат

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски очекува претставниците на конзорциумот „Бехтел и Енка“ да дадат согласност за декласификација на договорот за  изградбата на Коридорите 8 и 10Д за да може јавноста да го види, но како што рече, многу поважно е да се види што добива земјава од тој договор и дали може да добие повеќе за истите пари.

Николоски смета дека земјава  може да добие повеќе километри автопат од тоа што е потпишано во договорот со „Бехтел и Енка “ што ќе биде негова главна битка при редоговарењето на проектот.

-Mислам дека ќе биде недомаќински и душмански однос кон Буџетот ако јас сега го прекинам договорот, а тие средства веќе се кај изведувачот и не можат да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра средства, а да немаме ниту километар автопат. Треба да се бориме за да добиеме што повеќе километри автопат и што побрзо изграден во Македонија – изјави Николоски.

Тој денеска присуствуваше на трибината „Развој како услов за опстанок на македонското градежништво”, во организација на Градежниот факултет.

Во изјавата пред почетокот на трибината тој рече и дека негова заложба е што повеќе студенти да се запишуваат и завршуваат на градежниот факултет и да се вработат во домашните компании.

Николовски, како што рече, ќе се залага домашните компании да ги работат капиталните проекти и ги повтори неговите главни приоритети во инфраструктурата.

-Имаме реализација на големи инфраструктурни објекти. Откочување на патот Кичево-Охрид и негово завршување и новите делници и да ги зголемиме плановите за повеќе други патишта. Тука е и железницата каде што мој приоритет ќе биде коридорот 10. Очекувам да изградиме најефикасна пруга на коридорот 10 кој носи пари во земјава. Тука е и мојот личен проект за градски воз за Скопје – рече Николоски.