Оставка денес и веднаш од Владата, поради ова фијаско кога колони возила чекаат на Табановце за да влезат во соседна Србија за да се вакцинираат, побара Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Ова што се случува денес со Македонија, а тоа е дека пола народ се обиде да отиде во соседна Србија, во Белград, во Ниш, во Врање и во останатите градови со цел да се вакцинира, го покажува целосното фијаско и колапс на Владата на Зоран Заев. Најнеспособната и најкриминална Влада во историјата на Македонија, Влада која што е единствена во регионот, да не зборувам за пошироки размери, која што не успеа да обезбеди вакцини за населението за да го заштити од коронавирусот. Влада на која што пред очи ѝ се случува десетици илјади граѓани да итаат во соседна држава за да се вакцинираат. Влада која што нема срам, зашто да имаше срам денеска ќе си поднесеше целата Влада оставка затоа што во време на најголемата светска здравствена криза дозволува народот спасот за гол живот да го бара во соседни држави. Со право луѓето се прашуваат зошто плаќаат здравствено осигурување, зошто плаќаат даноци кога основната потреба, а тоа е да се даде шанса за живот на луѓето, властите не можат да им ја обезбедат – рече Николовски при посетата на Општина Јегуновце во рамките на теренските активности кои што ги изведува ВМРО-ДПМНЕ.
Тој се осврна и на акцијата за приведување на продавачи на дрога во земјава, која беше пробиена и главните босови избегале.
– Кокаин во Македонија има како никогаш претходно. Јас уште во мај 2019-тата година напишав една колумна насловена „Кокаин во поларизирана Македонија“, кокаинот го има во сите поголеми и урбани центри во државата, најмногу во Скопје како најголем урбан центар. И секој знае во секој урбан центар кои се тие кои што го носат кокаинот, кои се тие кои што го продаваат. Само властите не знаат, и видовме дека акцијата им е пробиена, а не знаат затоа што тие се поддржувачи на оние кои што го продаваат кокаинот на нашите деца. И за тоа е потребна оставка исто така веднаш и денес од Владата и од најодговорниот, министерот за внатрешни работи за тоа што дозволи оваа акција да пропадне, а дозволи да пропадне за тоа што се во соработка со овие криминалци. Гледаме слики излегуваат овие денови од највисоките структури на власта кои што седеле со луѓе кои што се, како што ги нарекува обвинителството нарко босови, односно тие кои што ова го организираат – рече Николовски.
Тој побара одговорност и од претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, затоа што била објавена фотографија каде тој е сликан со еден од големите нарко босови.
– Доколку тоа го направиле намерно, треба да понесат кривична одговорност. Доколку се правдаат дека е случајно, треба уште поголема одговорност да понесат затоа што тие треба да знаат кои се луѓето со кои што се сликаат, затоа што тие се на врвот на безбедносните структури во државата. Безбедносните структури ги води министер за внатрешни работи, дел ги координира премиерот, а дел ги координира преку Националниот совет за безбедност и претседателот на државата. И за тоа оставка од Владата поради ова причина и одговорност од претседателот на Македонија – побара Николовски.