Николоски: Владата ги потценува лозарите и не нуди решенија за нивниот проблем

Актуелната влада целосно ги потцени лозарите, и не се знае дали воопшто тие ќе го предадат грозјето на откуп бидејќи имаме катастрофално ниски цени, посочи  потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски гостуваше во дневникот на телевизија Сител.

„Оваа Влада со кадровските решенија коишто ги претстави не даде можност за решавање на проблемите. Како што реков и на седницата (во Собранието) ова е старо–нова влада затоа што има стари кадри. Но и е ‘коалиција на лагата’ затоа што едните излажаа дека нема да прават коалиција со ДУИ, а другите дека ќе добијат на старт премиер. Но едното и другото не се случи, што значи дека ги обединува криминалот и лагата“, нагласи Николоски.

Додаде дека владата има бројни нерешени прашања, како еден од погорливите проблеми во моментов го посочи и оној на лозарите и откупната цена на грозјето.

„Гледате што се случува деновиве во Тиквешијата со лозарите, каде што е сосем неизвесно дали воопшто ќе почне откуп на грозје. А цените се катастрофално ниски. Видовме и поскапување на цената на струјата. Една банка се затвори што е работа невидена десетици години во Македонија. И почнува владата на самиот почеток со корупција“, истакна Николоски.

На прашање на водителката, Николоски рече дека во однос на лозарите, ВМРО-ДПМНЕ е во континуирана комуникација со релевантните здруженија на производители и исто така со бројни производители лично.

„Она што се случува е катастрофа. Да се определува цена сега, а не во февруари или околу свети Трифун како што е секогаш редот, и во исто време во мај месец кога прв пат се бараа решенија да не се одговори, решенијата туку да се бара начин како да се направи поткуп на изборите кои што случија после тоа во јули месец, мислам дека е крајно неодговорно. Ова што го прави Владата е неодговорно кон сите кои што произведуваат затоа што прво неизвесно е дали воопшто ќе има откуп на целокупната количина грозје кое што е произведено во Тиквешијата. Значи во Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росмона, Валандово до Гевгелија. И второ цените кои што се изложени се ниски, катастрофално ниски, најниски во историја на производството на грозје. А, самото тоа создава еден огромен револт. Владата не нуди решенија, тие решенија не ги слушнавме“, рече Николоски.

Појасни дека тој на собраниската седница побара решенија за лозарите, но за жал власта немаше слух, и не изнајде решенија.

„Имаме целосно потценување на лозарите, и цените кои што се понудени. И секако дека реакција мора има“, истакна Николоски.