Во ткн „француски предлог“ се создава една атмосфера која најмногу се сведува на тоа да се изигра на некој начин целиот процес, бидејќи власта нема храброст да ги мине работите коишто самите ги договориле и ги ветиле и сакаат топката да ја префрлат во Собранието, изјави во петокот потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, во гостувањето во емисијата „,Што не е јасно“ на Алфа телевизија, во која зборуваше за реакциите на власта на забелешките од страна на неговата партија по однос на францускиот предлог и точките кои треба да се избришат.
„Собранието нема надлежност во овој дел, затоа што преговарачка рамка за секоја држава која преговарала за членство во ЕУ и станала членка усвојува владата на соодветната држава и затоа се вика меѓувладина конференција, не се вика меѓу собраниска. Имајќи предвид дека немаат храброст, ја префрлаат топката во Собранието а Собранието нема надлежност да се занимава со ова, тоа е прво“, рече Николоски.
Во врска со преговарачката рамка, Николоски оцени дека Владата, исто така, избегнува да се навлезе суштински во преговарачката рамка.
„Второ, наместо суштински да влезат во преговарачката рамка, како што ние предлагаме и точка по точка да се менуваат овие работи, тие предлагаат една општа декларација којашто фино звучи, ама не значи ништо затоа што правно не обврзува никого. Ние нормално не сме наивни, го одбивме тоа и рековме дека или ќе разговараме за интервенции во преговарачката рамка којашто треба да ги направи владата, или воопшто да не разговараме. Тоа може многу едноставно да се направи, да се прифатат нашите барања и тоа да е политички договор, сме го правеле тоа за многу работи во државава од деведесеттите години навака и владата врз основа на тој политички договор да побара промена на преговарачката рамка“, рече Николоски.
Додаде дека не се спремни да го направат тоа затоа што очигледно месеци наназад ветиле дека ќе прифатат ваков договор, а всушност тоа можело и да се слушне во извештајот на бугарското МНР кое јасно ги проценило или ги прочитало како буквар, дека ништо не ги интересира освен почеток на преговори за да можат да направат шминка и слика дома дека нешто прават, но рече дека народот не е глупав и сега тоа им се враќа како бумеранг.