Николоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да стои на патот на евроинтеграциите, но не по цена на идентитетот

Во вечерашното издание на дебатната емисија „Само вистина” гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски кој се осврна на договорот со источниот сосед, ветото кое Македонија го доби како резултат на лошите политики на Владата, како и за 100 дена од формирањето на владината гарнитура на Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ никогаш не стоело на патот на евроинтеграциите на Република Македонија, напротив работела со сите сили Македонија да чекори стабилно на патот кон ЕУ, но не по цена на газење на националниот идентитет.

Зоран Заев е човекот кој кажа дека македонскиот и бугарскиот јазик се исти, исто така кажа и дека Македонците и Бугарите се еден ист народ кој живее во две држави. Покрај овие две работи, Зоран Заев кажа и дека Македонија и Бугарија имаат иста историја, за подоцна да манипулира со граѓаните и преку јавни обраќања да бара прошка и да вели дека идентитетот не бил ставен на маса како предмет на разговор. Тоа е премногу сериозно за еден премиер, вели Николоски.

Придавката “македонски” е ставена на преговарачката маса и за тоа Заев попуштил во ставовите. Самиот тој тоа го призна во гостување во радио емисија, каде што потврди дека Македонците нема да имаат право да ја користат таа придавка.

Бугарската страна знае со кого има работа и поради тоа притискаат да добијат нешто што знаат дека нема да го добијат од ниту еден друг политичар. Зоран Заев е човекот кој кон нив има ветувања и за тоа одреден период наназад излегуваат докази. Поради тоа Зоран Заев за брзо време ќе поднесе оставка и ќе се формира Влада за национален спас, а веднаш потоа и ВМРО-ДПМНЕ ќе го порази СДСМ и ќе ја формира новата Влада на Република Македонија, заврши Николоски.