Николоски во ПССЕ: Заев со нелегални прислушувани материјали предизвика политичка криза

Парламентарното Собрание на Совет на Европа денеска го усвои извештајот за заштита на таканаречените „известувачи – предупредувачи”, како продолжение на Резолуцијата за осуда на масовното прислушување усвоена на пролетната сесија во април.

Во овие два извештаи се осудува масовното нелегално прислушување и се бара државите да воведат подобри мерки на заштита. Исто така се бара заштита за тн „известувачи-предупредувачи, давачи на тревога” кога пријавуваат потенцијални неправилности или корупција во системот, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Македонскиот парламентарец Александар Николоски во расправата која се водеше во ПССЕ, зборуваше во име на целата пратеничка група на Европската народна партија (ЕНП). Николоски истакна дека „известувањето” е многу важно за промовирање на доброто владеење, приватноста, слободата на говорот и борбата против корупцијата.

По однос на осудата на масовното прислушување рече:

„Во текот на априлската сесија ја усвоивме Резолуцијата за масовното прислушкување и заклучивме дека таквите практики ги загрозуваат основните човекови права, вклучувајќи го и правато на приватност, слободата на информирање и изразување и правото на фер судење и слободата на религијата. Како што е наведено во Резолуцијата, овие права се камен темелник на демократијата. Нивната повреда без соодветна судска контрола го загрозува владеењето на правото. Злоупотребата на работата на тајните служби и нелегалното прислушкување се огромна закана за современите демократии.”

Николоски во ПССЕ: Заев со нелегални прислушувани материјали предизвика политичка криза
Николоски во ПССЕ: Заев со нелегални прислушувани материјали предизвика политичка криза

Говорејќи за заштитата на „известувачите“ Николоски истакна дека корупцијата ги поткопува вредностите на демократијата и порача оти институционалната борба е невозможно да се спроведе без регулирање и заштита на институцијата “известувач”. Сепак, заштитата на лица кои пријавуваат неправилности е многу сложено прашање и бара мултидисциплинарен и сеопфатен пристап, посочи Николоски.

„Известувањето”, како систем за информирање, е воведен во правните системи на многу земји со цел да го промовира и поттикнува известувањето, иако не постои општоприфатена дефиниција за него. Парламентарното собрание на Советот на Европа и Комитетот на министри во нивните Резолуции и Препораки ги поканија сите земји-членки да го преиспитаат нивното законодавство во однос на заштитата на „известувачите” и да создададат соодветна нормативна, судска и институционална рамка за заштита на „известувачите”.

Николоски нагласи дека Република Македонија усвои неколку мерки за подобрување на заштитата на „известувачите”, за зајакнување на одговорноста и на борбата против корупцијата и лошото управување и во јавниот и во приватниот сектор, земајќи ги предвид препораките на ГРЕКО (Група на држави во борбата против корупцијата) во рамки на Советот на Европа. Предложено е усвојување закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата за да се воведе систем на интегритет и систематска, институционална заштита на „известувачите”.

Николоски се осврна и на објавувањето на нелегално стекнати материјали од страна на Зоран Заев и опозиционата СДСМ. Тој притоа се повика на писмената декларација „за осуда на обидот за недемократско преземање на власта во Македонија“ која ја потпишаа 49 пратеници од 21 земја.

– Во последните месеци, Македонија се соочува со голема политичка криза со објавувањето на нелегалните прислушувани материјали од страна на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Заев. Повеќе од четири години ние сме биле нелегално прислушкувани, вклучувајќи ги и сите државни претставници, претседателот на Република Македонија, претседателот на Владата, претседателот на Собранието, членовите на Владата и пратениците во Собранието. Овие материјали се објавени на прес-конференции надвор од правниот систем. Ова не е само уништување на угледот на земјата, туку и на политичкиот систем, истакна Николоски.

Според македонскиот парламентарец, Резолуцијата на масовното прислушкување што беше усвоена во април е најдобриот начин за борба против овој вид злоупотреба и закана на демократско општество.

Вкупно 49 членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа, од повеќе политички групи потпишаа писмена декларација во која се осудуваат: заканите од страна на Зоран Заев, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија до премиерот Никола Груевски и инволвирањето странски тајни служби и нелегалното прислушување на телефонските разговори на највисоките политички претставници на Македонија.  Се наведува дека само политичките аргументи и програми поддржани од страна на граѓаните се демократскиот начин да се добијат избори и се бара слободен и независен судски процес согласно највисоките европски стандарди и транспарентна процедура.”