Николоски: Заев нема да ме замолчи, ќе продолжам да зборувам за нечесното работење

Денес најмоќниот живот во државата, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев ме тужи за клевета, рече во четвртокот за новинарите потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, посочувајќи притоа дека во демократскиот свет не е забележано тужење меѓу политичари, а особено премиер за клевета да тужи за потпретседател на најголемата опозициона партија.

Николоски појасни дека станува збор за неговата изјава дадена пред повеќе од една година, кон крајот на августи минатата 2019 година во врска со случајот „Рекет“ за кој инаку веќе има и пресуди.

„Во изјава тогаш за јавноста јас споделив дека до нас доаѓаат сознанија според кои се изрекетирани бизнисмени, а во јавноста тогаш се тврдеше дека се работи за само еден бизнисмен, дека се изрекетирани многу повеќе средства од тие средства кои што тогаш беа споменувани во јавноста, дека се работи за сума од над 20 милиони евра и дека таа операција не може да ја завршат двајца или тројца луѓе, дека е добро организирана операција и дека на врвот на таа пирамида стојат Зоран Заев и СДСМ. Периодот по таа изјава ги потврди овие мои наводи во јавноста. Апсурдот да биде поголем, јас иста таква изјава дадов и на 10 август 2019 година, значи некаде 18 дена пред да ја дадам изјавата за којашто сум тужен“, појасни Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека изјавата не била демантирана, а семејството Заеви биле опседнати со него бидејќи претходно за клевета бил тужен и од Вице Заев.

„Она што исто така е забележително и во претходниот и во овој случај е дека, како што не се појави Вице Заев на рочиштето на кое ме тужеше за клевета, на ист начин денес Зоран Заев не се појави на рочиштето на коешто ме тужи за клевета, напротив избра да испрати адвокат од најскапата адвокатска канцеларија во Македонија, а јас еве повторно решавам да се бранам сам затоа што веројатно онаму каде што е вистината нема потреба од адвокати, а онаму каде што не е вистината има потреба од скапи адвокати“, изјави Николооски и додаде дека се надева оти во овој судски процес ќе ја докаже вистинитоста на негоавата изјава.