Николоски: Застојот во разговорите за СЈО е поради желбата на власта да ги легализира неговите нелегални активности

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, беше гостин на Алсат-М телевизија и одговараше на прашања поврзани со актуелни теми во земјава. Едно од прашањата беше за иднината на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), при што претставникот на опозициската партија потенцира дека за да се надмине ова прашање, потребно е да се прифатат и некои забелешки на опозицијата.

Потенцираше дека доколку власта сака да постигне консензус околу СЈО, природно е да прифати дел и од позициите на опозицијата, односно од ВМРО- ДПМНЕ. Ние влегуваме со крајно принципиелни позиции, а тоа почитување на Уставот и законот, рече Николоски.

„Она околу коешто сега има главно недоразбирање е тоа што власта бара да се најде начин да се легализираат нелегалните активности на СЈО. Тоа има еден голем парадокс заради тоа што институцијата која што требаше да се бори против нелегални активности самата влегува во нелегални активности и сега власта се обидува со закон тоа да го промени што поставува прашање за правната сигурност и поставува прашање и кај други личности кои имале нелегални активности во минатото зошто и тие да не побараат со закани да нивните нелегални активности се легализираат. Не можеме да дозволиме пробиениот рок кој што го има СЈО, а тоа е 18 месеци од примањето на материјалите и незаконските дејствија кои што ги презеле после овој рок да бидат легализирани. Тоа не значи амнестија за криминалот, како што вели власта, затоа што доколку некој сторил било какво кривично дело има обвинителство што може да го гони, а второ единствен случај и тука е политичката мотивација на СДСМ, единствен случај кој што е отворен после рокот е случајот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ каде што целта е да се забрани партијата со судска одлук“, рече Ниоколоски.

Исто така, беше запрашан и дали до септември ќе има некаков договор и дали ќе има приближување на ставовите:

„Па јас мислам дека, ако СДСМ се откаже од мастер планот за затварање на ВМРО-ДПМНЕ, кој што кај нив постои извесен временски период, јас прв пат го презентирав минатата година во септември месец, точно во вашата телевизија во едно соочување со госпоѓата Шеќеринска. Значи, ако СДСМ, се откаже од мастер планот за затварање на ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека и утре можиме да се договориме. А во однос на држењето на зборот од страна на власта, еве сакам да ја потсетам јавноста, дека Зоран Заев ветуваше дека кога тие ќе формираат Влада обвинителот ќе биде номиниран од опозицијата, потоа даде рок за тоа, рече после две години. Еве трета година им поминува од власта на крај памет не им е да го направат тоа, што значи дека немаат чесни намери во целиот овој процес“,

Николовски беше запрашан за недобивањето на датумот за преговори со ЕУ, но и за најавите од Брисел и Владата дека дека во октомври ќе добиеме датум, а во декември ќе ги започнеме преговорите:

„Втора година со ред Европската унија одбива да додели датум за почеток на преговори, што само кажува колку е неспособна оваа Влада. Минатата година ветија дека датум за почеток на преговори ќе се определи во јуни 2018 година. Во јуни не се определи датум, па рекоа дека ќе преговорите ќе почнат во јуни 2019 година. Еве го јуни 2019 дојде, преговорите не почнаа. Не само што не почнаа, него и дадум не се определи. Сега велат тоа ќе е во октомври. Да би бил на нивно место, би седнал и малку повеќе би работел, а малку помалку би давал лажни ветувања“, додаде Николоски.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ е спремно за избори, Николовски истакна дека партијата е подготвена „уште утре“ да се соочи со власта,

„Утре сме спремни за избори, тоа е најмал проблем. Проблемот е што Заев станува веќе несериозен за коментирање и создавање било каква стратегија во однос на неговите изјави затоа што пречесто ги менува. Тој рече дека ако нема датум во јуни ќе се оди на избори, еве нема датум а гледате дека веќе не зборува за избори. Така што несериозно е да се коментира Заев, а ние сме спремни утре да има избори затоа што знаеме дека ќе победиме на изборите“, заклучи Николоски.