Венко Филипче во ек на епидемија на морбили ги измами граѓаните и ја злоупотреби својата внука за политичка измама. Филипче призна дека лажно и кажал на јавноста дека неговата внука е вакцинирана од морбили, иако таа не е, само да ги увери родителите дека вакцините се безбедни. Филипче прво го злоупотребил детето во политичка измама, а потоа свесно ги донел во заблуда граѓаните на Република Македонија, со самото тоа извршил кривично дело Измама според чл. 247 од Кривичниот Законик, изјави на прес конференција Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ кој додаде:
„Со ваквото свое манипулативно однесување, министерот лично го загрозува процесот на вакцинација и ја нарушува и онака слабата и нарушена доверба на граѓаните во системот. Министерот лично со своето однесување, целосно ја деградира, го разградува процесот на вакцинација. Филипче мора да понесе одговорност, очекуваме надлежните институции да преземат соодветни мерки. Министрите треба веродостојно да ги информираат граѓаните и да не ги лажат, да ги дезинформираат, ниту пак да ги манипулираат.“
Николов потсетува дека министерството за здравство предводено од Филипче прво велеше дека има вакцини со изминат рок, за потоа да речат дека нема вакцини со изминат рок, туку декларациите се променети и помешани, за сето ова потоа да се обелодени дека ќе се уништуваат вакцините.
„Господине министер, знаете ли дека вие со вашето лажење и манипулирање директно го загрозувате здравјето на најмладата популација и ја нарушувате вербата во системот? Господине Филипче со вашето лажење и манипулирање директно може да го загрозите животот и здравјето на граѓаните, а пред се на најмладите, на децата кои што се во претшколска возраст.“
Граѓаните очекуваат итна и неотповиклива оставка од министерот, по вакво ноторно признание за измама и лажење на сопствените граѓани, најмалку што може да стори Филипче е да поднесе оставка. Повеќе од година дена откако е министер, а здравството и здравствениот систем во државата само тоне. Ова е уште една од низата причини поради кои се потребни итни и неодложни предвремени парламентарни избори заедно со претседателските на пролет. Црнилата мора да бидат победени. Зората да изгрее, потенцираше Игор Николов.