-Со нефункционирање на хируршките сали на Хируршките клиники во комплексот Мајка Тереза загрозен е рбетот на здравствениот систем и најлошо е што не се преземаат никакви мрки, ова е веќе состојба и трае половина месец, рече доктор Игор Николов, претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата За или против што се емитува на телевизија Алфа.
Според Николов треба да се изготви план како да се излезе од оваа ситуација, бидејќи од ова најмногу страдаат пациентите.
„Ова води само кон зголемување на бројот на пациенти кои чекаат хируршки зафат. А што прават оние кои се уште се надлежни, наместо да работат, тие се грижат за функциите. Демири не знае дали ќе ја врши функцијата министер или функцијата пратеник, или пак што прави и каде е заменичката за здравство Манолева“, укажа Николов.
Тој рече дека во оваа ситуација надлежните не покажаа дека владеат со ситуацијата, односно дека се над неа.
„Гледаме дека во овој половина месец на нефункционирање на хируршките сали нема реорганизација на системот, нема ротација на хирурзи и друг медицински персонал со цел да се намалат листите за чекање за интервенции кои и онака се долги, нема ниту основна информација како и каде се третираат најкомплексните случаи, како ќе се надмине овој проблем и слично“, рече Николов.
Посочи дека компресорската станица во салите требало да се смени уште пред три години.
„Но, очигледно тогаш поважни биле аплаузите и градење култови на сметка на решавање суштински проблеми. Ефектите од ваквите штетни политики се на долг рок. Ние сме во ситуација во која останавме без нов клинички поради раскинување договор, ниту имаме основно одржување на постојниот Клинички, ама имаме најава за плаќање 20 милиони евра пенали за неизградба на новиот клинички и раскинување на договорот“, кажа Николов.