-Додека секојдневно слушаме во медиумите дека недостигаат лекови за различни категории пациенти, надлежните институции кои најмалку 10 пати објавија дека формирале Комисија за позитивна листа, сепак во пракса нема доволно ниту основни лекови, а камоли па нови и модерни лекови на позитивна листа, изјави на прес конференција Игор Николов, претседател на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
-Власта ги заборави клучните предизборни ветувања меѓу кои лек во секое време за секој пациент и нови квалитетни лекови, сокривајќи се зад европски стандарди, заборави на пациентите, нивниот третман и ветувањата дадени кон нив.
Во оваа прилика сакам да потенцирам дека најавената ревизија на позитивна листа и формираната комисија за позитивна листа – истото како парцијално решение не може да даде најдобар ефект за граѓаните и здравствениот систем и со тоа не може да се обезбеди објективно и реално одлучување базирано на докази, без добро системско уредување.
Со цел транспарентност во овој процес од надлежните институции бараме да одговорат:
Прво, дали законски надлежната институција Агенција за лекови воопшто има податоци за целокупната потрошувачка на лекови во државата?
Второ, зошто од Агенција за лекови и министерство за здравство со години нема ниту еден национален официјален податок и извештај за тоа со што отворено прашање е на кој начин и врз основа на што би се оценувале и проценувале потребите на пациентите во Македонија?
Трето, дали министерството за здравство ги има во предвид протоколите за лекување според начелата на медицина базирана на докази кои не се ажурирани со години?
Четврто, имајќи во предвид низа недостатоци во здравствениот систем, дали може да се очекува објективно одлучување и реална ревизија на позитивната листа?
Во оваа прилика сакам да упатам порака да не се импровизира со решенија во здравствениот систем зашто на крај цената ја плаќаат граѓаните, односно сите ние, посебно ако се земе во предвид дека впечатокот во стручната јавност е дека понуденото решение е парцијално што може да е во интерес на одредени центри на моќ.
Повеќе од јасно е, може да се кријат позади ЕУ стандардите колку сакаат, но од ефектите од неработењето и негрижата за пациентите не можат да се сокријат.
Недозволиво е пациентите да се лекуваат со лекови на позитивната листа кои се од 1995 година.
Не може да се дозволи за дијабетичарите да нема ленти, да нема квалитетни лекови и 7 месеци да се оставени на милост и немилост.
Не можеме да дозволиме за болните од цистична фиброза да го нема веќе неколку месеци и лекот Креон, веќе познатата Трикафта исто ја нема за сите болни, со што директно се крши начелото на еднаквост.
Дојдоа на власт со ветување дека ќе донесат модерни и современи лекови, а денеска пациентите купуваат обични лекови во Косово и Србија. Затоа потребно е итно рестартирање на здравствениот систем и оваа Влада да замине час поскоро!, изјави Николов.