Потребно е да се апелира до членовите на Комисијата за заразни болести да одлучуваат и работат на основа на професионалните стандарди, бидејќи факт е дека одлуката е на Владата, рече доктор Игор Николов, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето на емисијата „Заспиј ако можеш“ што се емитува на телевизија Алфа.
-На почетокот имаше лекар од Инфективната клиника кој беше во Дебар каде успешно заврши целата работа, а беше во Комисијата. Кога виде дека никој не го слуша самиот се повлече. Така да дел од колегите и протестираат што политиката ги преиначува нивните одлуки, но тоа не го прават јавно, рече Николов.
Според него се прават многу пропусти. Тој вели „ние ја немаме ни основната информација дали здравствените работници го шират вирусот, тука нема скрининг“ и дополнува: „Сега излегуваат нови кластери, се нема контрола на кластерите. Тоа ни блокира се. Ни ја блокира државата, економијата. А ние цело време апелираме, на дневна основа кажуваме, но ги спроведуваат мерките многу доцна“.
Николов укажа дека мерките треба да се прилагодат на ситуацијата.
-Требаше да се делува поединечно по состојба во општините, беа потребни прецизини и соодветни мерки за секоја ситуација. Ако ни е одличен здравствениот систем како што ни кажуваат зошто има толку починати од корона, ако беше добар немаше да имаме ваква ситуација, посочи Николов.