6.8 C
Skopje
понеделник, јануари 27, 2025

Николов: Потребен е итен и темелен скрининг, ситуацијата не е под контрола

Филипче вели намалување на бројот на нови носители на корона вирус, но статистиката вели и зголемување на бројот на заболени. За два дена во Србија беа направени над 10 илјади тестови за корона, во Македонија тој број за два дена е само 400, истакна на денешната прес-конференција Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели колку за илустрација вчерашната статистика говори дека се направени 332 тестирања, а бројката на заболени е 33. Тоа е 10 проценти од вкупната бројка на тестирани. Хрватска, Словенија речиси и не бележат нови случаи на дневна основа.

-Она што исто така загрижува е и бројката на новозаболени здравствени лица, поточно медицински персонал. Многу е јасно како може да се стави ситуацијата под контрола, процесот за тоа е јасен – потребно е да се зголеми бројот на тестирања! Само така ќе знаеме како понатаму. Сите соседни земји го зголемуваат бројот на дневно направени тестови, ги тестираат ризичните групи. Внимавајте, кај нас ова е само во фаза на најава?! Како без ова мислат да прават стратегија за тоа како понатаму!?, прашува Николов.

Според него, без системски пристап, без вистинско и планско тестирање, нема да може да имаме вистински информации за состојбата со епидемијата во земјата.

-Без ваков пристап тешко е да се направи соодветна стратегија за тоа како понатаму. Без ваков пристап нема ни соодветна здравствена политика. Потребен е итен и темелен скрининг. Едноставно, ситуацијата кај нас не е под контрола. И е најмалку розева. Здравствените лица не треба да и служат на политиката, и не треба да ја разубавуваат грдата реалност поради политички интереси. Здравствените лица треба да служат на здравјето на граѓаните. Токму затоа потребно е да се зголеми бројот на тестови кои се изведуваат дневна основа. Само така ќе знаеме како понатаму, нагласува Николов.