Бројот на заболени на Клиниката за инфективни болести може да порасне во секој момент. Бројот на граѓани, родители, деца и медицински персонал кои се во изолација расте. Сепак несоодветната информираност и немањето на доволно насоки за постапување може и понатаму дополнително да ја влоши состојбата. Сето ова е поради несоодветниот менаџмент од страна на министерството за здравство и министерот Филипче, ова денес преку изјава за медиумите го истакна Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.
-За да се спречи ширењето на вирусот, многу важно е спроведување и контрола на мерките предвидени за заштита. Простор за дилетантско однесување нема. Министерот Филипче и министерството за здравство треба под итно да преземат дополнителни мерки за заштита на населението како и за подготвување на здравствениот систем за најлошото сценарио. Предлагаме сет на дополнителни мерки:
- Да се формира Kризен штаб кој ќе ги информира и потсетува граѓаните на дневна и часовна основа за постапките за заштита од ширењето на вирусот.
- Да се дадат јасни насоки на сите здравствените работници за постапување за заштита од ширење на корона вирусот.
- Да се преземат мерки за растеретување на здравствените институции особено оние од терциерно здравство. Да се одложат здравствени процедури кои се елективни.
- Да се подготви план за ротација на здравствените работници, како и план за вклучување на сите расположиви средства и сите расположиви здравствени работници (млади лекари, пензионери итн) во случај на потреба. План за вклучување и на здравствените работници и ресурсите од приватното здравство.
- Да се контролира спроведувањето на мерките за изолација, а населението да се потсетува на часовна основа за начинот на постапување за заштита од Ковид 19, вели Николов.
Тој додава дека само доследното и навремено спроведување на мерките за корона вирусот може да го спречи ширењето. Досегашното неспособно однесување на министерот за здравство и оние кои што тој ги поставил да раководат, само ја влоши состојбата со пропагацијата на вирусот и го загрози здравствениот систем.
-Повторуваме дека ова треба да се направи ВЕДНАШ бидејќи е многу важно здравствените институции да бидат подготвени да одговорат на ситуацијата. Воедно со тоа ги заштитуваме и пациентите, но и медицинскиот персонал. Министре, бараме веднаш, доследно и навремено спроведување на мерките од страна на сите надлежни институции. Апелираме до јавноста да ги почитува мерките за самоизолација, рече Николов.