„Најголемиот проблем во моментов е недостигот на медицински персонал и несоодветната инфраструктура, рече доктор Игор Николов, претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа.
„Инфраструктурата во здравството е со поминат рок. Ни се случија стратешки грешки, се стопираше изградбата на клинички „Мајка Тереза“ и се планираше некој мегаломански проект од кој нема ништо, а за оној неизградениот „Мајка Тереза“ постои арбитражна постапка и засега побарувањето или пеналите кои треба да ги плати државава се 18 милиони евра“, рече Николов.
Тој посочи дека и клиничкиот во Штип е незавршен и таму треба да се плаќаат еден вид на пенали.
„Клиничкиот во Штип наликува на автопатот Кичево-Охрид, почната изградбата, но застаната. Зошто? Нема одговор, Владата не го повлекла одобрениот кредит и сега има побарувања или има загуби. Поточно, неградењето на нов клинички во Штип и болница во Охрид носи само штета за неизградбата од околу 40 милиони евра“, кажа Николов.
Според него, сето ова нанесува големи штети на јавното здравство од каде заминува персоналот.
„Персоналот оди или во приватното здравство или во странство. Не можам да се сетам за некаква капитална инвестиција во здравството, можам да се сетам само за донации, а се повеќе се бараат и донации за лекување“, вели Николов.
Тема за актуелниот министер за здравство, укажа тој, е разрешување на медицински директори од кои бенефит имаат граѓаните.
„Потоа, тема беше паркингот на Клинички во Скопје, но и од тоа нема ништо. Или неинвестирањето во инфраструктурата што не доведува во тешка состојба. Од друга страна има и други небулози, се најавува укинување на организациски директори во клиниките, додека во меѓувреме министерот назначува нови“, рече тој.