Здравствениот систем запаѓа во безредие. Во отсуство на министерот кој користи одмор и тера кампања за градоначалник со министерството управува заменик министерот, Гоце Чакаровски, кому око не му трепнува за новостанатата ситуација и состојбата во која запаѓа здравството, рече Игор Николов член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата во средата.
„Нередот во здравството го плаќаат граѓаните со своето здравје. Додека СДС се грижи како да ги наполни болниците со директори со криминално минато и лица кои имаат судир на интереси, во струмичката болница не работи компјутерскиот томограф. Повеќе од 100.000 граѓани од Струмица и околните општини се оставени без оваа неопходна дијагностика“, посочи Николов.
Појасни дека на годишни нови со сппменатиот апарат се снимаат повеќе од 12.000 пациенти, кои сега се принудени да патуваат до Штип и до Велес.
„Најлошо е тоа што поправката на овој апарат не е ниту на повидок. Пациентите најмалку уште три месеци нема да можат да ја користат оваа здравствена услуга во струмичката болница. СДС не се грижи за здравствената опрема оставена во наследство од владата на ВМРО-ДПМНЕ, а уште помалку се грижи како да набави дополнителна опрема и да ја зголеми опременоста во здравствените установи. Под палката на СДС квалитетот на здравствените услуги рапидно паѓа. Зачестена е смртноста на новороденчињата која министерството сакаше да ја сокрие од јавноста“, истакна претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Николов додаде дека ситуацијата во здравството се влошува, а неодговорната политика на СДС е на пат да го намали квалитетот на здравствени услуги, што на долг рок ќе има изразити последици врз здравјето и животот на луѓето.
„Граѓаните и здравствените работници се сведоци на неодговорното работење на СДС во здравството и за истото ќе ги казнат на претстојните локални избори на 15-ти октомври“, заклучи Николов.