Николовски: Аферата за рекетот на Вице Заев ни ја откри високо позициониран член на најтесното раководство на СДСМ

Информациите за рекетот поврзан со Вице Заев и РЕК Битола до ВМРО ДПМНЕ не стигнаа од вработени во Министерството за внатрешни работи ниту од инспектори кои гонат организиран криминал и корупција, туку стигнаа од еден високо позициониран член на највисокото раководство на СДСМ кој што поради законот за заштита на укажувачи, односно свиркачи, не можам да го споменам со име и презиме, но повторувам информациите за криминалот во РЕК Битола и за рекетот во РЕК Битола стигнаа од високо позициониран член на најтесното раководство на СДСМ, изјави денеска во Охрид, Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Веќе три дена наместо да се истражува Вице и раководството на РЕК Битола, кое што се обидело да направи рекет од 250.000 евра, се гонат оние кои што условно кажано го информирале ВМРО-ДПМНЕ за овој криминал. Па видовме како маскирани полициски службеници и специјалци влегуваат во домовите на неколку инспектори кои се занимаваат со откривање криминал и вршат претреси во присуство на нивните сопруги и деца што е недозволиво и потсетува на едни тоталитарни времиња – рече Николовски.

Тој додаде дека во моментов ВМРО-ДПМНЕ поседува бројна документација за други афери и скандали од коруптивен карактер кои што ќе ги изнесе во јавноста во следниот период. Информациите за тие афери, нагласи Николовски, исто така се добиени од високо позиционирани лица во самиот врв на СДСМ.