
Вицепремиерот Љупчо Николовски денеска потврди дека со сопругата бил три дена на одмор во Дубаи. Тој рече и дека таму не се вакцинирал против ковид-19 и патувал како обичен граѓанин.
– Три дена одмор после 16 часа работа на ден за граѓаните и за државата, чесно е и искрено да ѝ ги посветам на сопругата. Можеби од оваа временска дистанца е направена грешка што е избран Дубаи, но и не беше целосно одмор туку сопругата, која работи за странска компанија, не за домашна, имаше и работни состаноци. А, за платата што ја добивам имам право на 16 часа работа, но и право три дена во годината да искористам за одмор – изјави Николовски и рече дека неговата борба со криминалот и корупцијата ќе продолжи уште посилно и неселективно.
Тој уште еднаш нагласи дека како и на секој граѓанин законски му следува одмор и дека никому нема да му дозволи тоа да му го попречи.
Вицепремиерот одговори дека не се вакцинирал против ковид-19, дека на патувањето не бил со службен или дипломатски пасош, не користел службен телефон, ниту возило и дека ниту денар од државата не потрошил.