Николовски најави дека заштедите на управните и надозорните одбори ќе се пренасочуваат за објекти

По 30 години намалувањето на членовите на надзорните и управни одбори не само што ги намалува непродуктивните трошења, туку ние како Влада имаме за цел да ги професионализираме овие вработувања, рече во гостувањето во вестите на Канал 5 вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.

Со намалувањето на бројот на членовите на надзорните одбори од пет на три и на управните од 15 на седум, според него, ќе се овозможи средствата издвоени за нивните хонорари да се пренасочат во попродуктивни трошоци, како градинки и училишта.

– Од друга страна законот точно предвидува професионализација на овие одбори, на пример законот предвидува членовите на одборите да имаат минимум пет години работно искуство во дејноста или областа за која се избрани за јавната институција, на пример три години искуство во правните, работи, финансиските,… Праќаме порака квалитетни и стручни луѓе да бидат дел од јавното претпријатие или установа и да се грижат за продуктивноста – рече Николовски.

Тој потенцира дека станува збор за јавни претпријатија, АД во државна сопственост, како и националните установи.