Со СДСМ иднината е сигурна, тоа е иднина во ЕУ и НАТО, иднина со повисоки плати, со стабилна економија, иднина со осигурано здравје на граѓаните, рече на средба во Македонска Каменица Љупчо Николовски, носителот на листата на СДСМ во третата Иизборната единица.
– Понудата на СДСМ на овие избори е понуда која носи план за успешно справување со последиците на корона кризата, уште посилен економски раст, уште поодговорни институции, уште понагласен напредок, подготвивме мерки кои обезбедуваат ред, правда и дисциплина.Јавноста е сведок кој носи антикризни мерки за помош на работниците и економијата, а кој по налог на Мицкоски блокира средства од 90 милиони евра од Светска банка – рече Николовски.
Тој потсети дека владата на СДСМ ја намали старосната граница за пензионирање на рударите.
– Ветивме и реализиравме намалување на старосната граница за пензија за рударите коишто работат во подземен коп, и тие сега наместо на 58 можат да се пензионираат на околу 50 години.Досега според оваа мерка во пензија се заминати над 100 рудари. На овој начин се грижиме за рударите чија работа е исклучително тешка, но истовремено отвораме и нови работни места – рече Николовски.
Николовски рече дека е решен и проблемот со стечајците.
– Речиси 12.000 стечајни работници ќе добиваат месечен надомест од 8.000 денари до нивното пензионирање -рече тој..
Николовски се пофали и со повисоката минимална плата, но и најави нејзино зголемување на 20.000 денари во следниот мандат ако СДСМ остане на власт..
– Минималната плата не е само бројка. За некого е тоа живот! Во ВМРО тоа не го разбираат. Татини синови со длабоки џебови не го знаат тоа. Минималната плата ја држеа на 9.000 денари! Тие нека кажат како да преживее некој со 9.000 денари и деца да школува, да ги нахрани и облече? Заврши тоа време. Сега е 14.500 денари, а до крајот на следниот мандат ќе ја зголемиме до 20.000 денари! – рече Николовски.