За само две ипол години поставивме силна основа за раст. Горд сум на успесите, но и свесен дека не се ни приближно до тоа што треба да се оствари во идниот период. Сега е време за чист мандат и фокус на економијата, правосудството, реформите, истакна генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој на денешната заедничка прес-конференција со генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа истакна дека има уште многу работа за намалување на невработеноста, поддршка за стопанството, носење инвестиции, јакнење на здравствениот систем за целиот тамошен персонал да може подобро и помирно да живее.
– Измина првата недела од изборната кампања и граѓаните имаа многу убава можност да ја видат разликата меѓу концептот и програмата на СДСМ и коалицијата „Можеме“, и она што не може да се нарече концепт, туку обична пропаганда од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните од една страна имаат понуда од нас. За само две ипол години, да потенцирам повторно – за две и пол години, направен е голем прогрес! Никој веќе не зборува ниту за НАТО, ниту за ЕУ. Таму сме, го остваривме 30-годишниот сон да сме членка на најсилното светско друштво, да ни се отворат вратите кои отсекогаш биле затворени за нас – рече Николовски.
Според него, од ВМРО-ДПМНЕ има само манипулирање со некакви национални чувства и упорно избегнување да се одговори на едно просто прашање „Што вие ќе направите ако дојдете на власт и дали ќе го укинете договорот од Преспа?“
– Социјалната помош за четиричлено семејство од 3.000 е качена на 11.500 денари, повратот на ДДВ, укинатата радиодифузна такса, зелена нафта… далеку од тоа дека се сме завршиле. Бараме чист мандат за да направиме многу повеќе и многу подобро. Гледаме дека се соочени со големи маки да постигнат се што треба да се постигне, на тие луѓе им треба поддршка! – рече Николовски.
Арјанит Хоџа, генералниот секретар на Дижењето Беса од своја страна истакна дека Коалицијата „Можеме“ спроведува позитивна кампања, со јасни пораки. За разлика од другите политички партии, како, како што нагласи, немаат јасна политичка понуда, се служат со фолклорна реторика и популизам, па дури и го загрозуваат здравјето на граѓаните со тоа што не ги почитуваат препораките на здравствените институции за одржување на дистанца и носење маски. За разлика од нив, според Хоџа, „Можеме“ нуди инклузивна програма, заснована врз конкретните потреби и барања на граѓаните.
Хоџа додаде дека придржувањето кон здравствените препораки за одржување на дистанца и носење маски е многу поважно од која било политичка агенда, здравјето на граѓаните е поважно од било какво масовно собирање без маски и социјална дистанца.
– За жал, политичките субјекти ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат реторика која ни ја враќа меморијата од владеењето на режимот. Секогаш кога ќе ослабнат, тие го обновуваат политичкиот фолклор, популизмот и јазикот на поделба, омраза и поттикнувањето на тензии. Граѓаните добро го препознаваат ваквиот вид на манипулација наметнет од страна на поранешниот режим и од секоја средба со нив, ние сме по мотивирани и уште повеќе сме убедени дека коалицијата „Можеме“ е подобра, побезбедна и покорисна опција за државата и општеството – рече Хоџа.
МИА