Денешните разговори за спорот за името во ОН не донесоа напредок, но двете страни се согласни разговорите да се забрзаат, изјави амбасадорот Метју Нимиц, по средбата со посредниците во разговорите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, јави МИА.
„Немаше конкретни резултати од средбата. Имаше искрени и динамични разговори. Двете страни се согласија разговорите да се интензивираат. Страните се задоволни со овој формат на разговори, можно е да организираме нова ваква средба во мај, како и јас подоцна да го посетам регионот. Свесен сум дека во тек се избори и избегнувам ситуација, која би можела да го влоши проблемот“, изјави Нимиц по едно и пол часовната средба во седиштето на Обединетите нации.
По македонските претседателски и парламентарни избори, Грција одржува избори за Европскиот парламент на крајот на мај. Се очекува следната средба во Њујорк да биде пред грчките избори, а потоа посетата на Нимиц на Македонија и на Грција да следи откако во двете земји ќе завршат изборните циклуси.
Нимиц не даде конкретен одговор на прашањето дали на средбата бил разгледан неговиот таканаречен априлски предлог.
„Низ годините дадов повеќе предлози, и ниту еден од нив не ја доби безусловната поддршка на двете страни. Им реков на страните дека треба постојано да ги разгледуваме старите идеи бидејќи можеби ќе најдеме нова виталност во нив, додека да се најде решение“, изјави Нимиц, кој на прес конференцијата зборуваше сам.
Двајцата посредници вообичаено не даваат изјави за јавноста, особено по избувливиот настап на Василакис кон новинарката на Македонската радио-телевизија во 2012 година, а овојпат посредниците стоеја во целост настрана од камерите.
За неговата средба со германскиот канцелар Ангела Меркел, Нимиц рече дека повеќе големи сили се сериозно заинтересирани да се најде решение на спорот.
„Разговарам со повеќе земји кои се заинтересирани за ова прашање и во многу важни главни градови има сериозен интерес да се разреши прашањето. Ова е прашање кое не влијае само на односите на двете земји туку и на целиот регион, регион кој е важен на многу луѓе. Канцеларот Меркел изрази навистина сериозен интерес да се реши овој проблем“, заклучи Нимиц.