Нина Ангеловска, основач на „Групер“ ќе биде нова министерка за финансии. Премиерот Зоран Заев по седницата на Централниот одбор на СДСМ кажа дека до Собранието ќе достави листа на нови министри и заменици министри. За нов заменик министер за економија е назначен Кирил Колемишевски кој доаѓа на местото на Кире Наумов кој заминува на функцијата директор на Македонската банка за поддршка на развојот. За нова заменичка министерка за образование е назначена Елизабета Наумовска, а на новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците заменик министер ќе биде Неџат Мехмедовиќ.
Заев кажа дека со новите имиња на министерските функции се испраќа порака дека Владата дава шанса на млади луѓе, кои се успешни во нивните досегашни кариери.
„Нина Ангеловска како основач на ‚Групер‘ и нејзиното 8-годишно искуство стана препознатлива не само дома туку и во регионот. Таа ќе претстави и нови политики на министерството, кои ќе значат чекорење напред. Сакаме да испратиме порака дека препознаваме млади луѓе кои се успешни“, рече Заев.
На Централниот одбор беа именувани и нови потпретседатели на партијата. Нови имиња се експертот за односи со јавност Коста Петров и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, а за потпретседатели повторно се именувани Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири кои беа разрешени во мај.