Во недела, откако Законот ќе стапи на сила од 1 јануари 2022 година, ќе работат трговците центри со сите дуќани, угостителските објекти и туристичките локалитети. Министерот за економија Крешник Бектеши ги прифати барањата на бизнисмените овие сектори да останат отворени во недела. Преку подзаконски акти ќе се договараат деталите.
„Ние ги презентиравме нашите предлози за измени во Законот за трговија и тие се прифатливи за стопанските комори и трговските центри и туристичките дестинации ќе работат во недела. Начелно договоривме со реализација да за започне следната година“, рече министерот Бектеши.
Инаку, поголемиот коалициски партнер во Владата, СДСМ, поточно министерката за труд од нејзините редови, Јагода Шахпаска, тврдеше дека недела ќе биде ден за одмор за сите граѓани, со исклучок на неколку сектори. По поразот на ставот на СДСМ, огромна разочараност кај синдикалците. Не се согласуваат рокот за имплементација да се пролонгира со почетокот на идната година и Законот да не важи за поголемиот дел од работниците во приватниот сектор. Од ССМ обвинуваат дека не ни биле повикани на последниот состанок кога се одлучувало за пролонгирање на Законот.
„Очекуваме преговорите за допрецизирање на одредбите, во насока на уредување на правото за недела да биде неработен ден за сите вработени да продолжат и истите да завршат во најкус можен рок, имајќи предвид тоа дека донесувањето на Законот веќе еднаш е одложено и тоа за примената од јуни 2021 година, а во последниот текст за септември 2021 година и тоа без претходна согласност со социјалните партнери“, велат од ССМ.
Првичните најави од функционерите на СДСМ беа дека од работа во недела ќе бидат ослободени околу 450 илјади работници, а околу 180 илјади ќе продолжат да работат во дејности во кои не може да биде исклучен производствениот процес. Сега со најновите одлуки, бројот на вработени кои ќе добијат загарантиран слободен ден во недела ќе биде многу мал. Работодавачите пак најавија дека ако недела биде неработен ден или ќе се намалат платите или ќе има отпуштања.