Во Македонија има рамномерно даночно оптоварување, што е политика на оваа влада, рече денеска директорот на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски, во гостувањето на Дневникот на „МРТ“.
„Имаме рамномерно даночно оптоварување и распоредување, така да секој треба да плаќа фер и правични даноци. Тоа е политиката на оваа влада, политика на ниски даноци, рамномерно даночно оптеретување и самите бројки говорат“, рече Трајковски.
Тој нагласи дека порано само околу седум илјади граѓани ја исполнувале оваа законска обврска, а сега таа бројка е 176.000.
Граѓаните кои во текот на минатата година оствариле некаков дополнителен приход, до вчера, имаа обврска да го пријават, поднесувајќи годишна даночна пријава, па така до вчера во УЈП биле доставени 176.000 даночни пријави.
Но, тоа не е конечниот број, потенцираше Трајковски, бидејќи според законската можност, граѓаните и следниве три дена можат да се вбројат, бидејќи се чекаат пријавите испратени по пошта.