-Вие ќе ми бидете најголема потпора и поддршка во следниот период. Имаме големи планови за подигнување на квалитетот на воспитно – образовниот процес, а во рамки на тоа, еден од фокусите ќе биде и враќање на вашиот дигнитет, достоинство и подобар статус.
Ова во видео обраќање пред наставници, го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на отворањето на Синдикалните спортски игри на СОНК што денеска и утре се одржуваат во Струга.
„Основното образование е приоритет, мој, како министерка, и на Владата. Но, ниту една промена нема да се случи без вас. Затоа што сте најважната алка во воспитно образовниот процес и јасно е дека ако не сме на иста страна, ако немаме усогласен став, нема да има успех. Затоа најавив и повторувам – ништо нема да правиме без ваша согласност, на сила или пак инкогнито. Помина тоа време“, рече Јаневска, додавајќи дека активно ќе работи во интерес на наставниците, но заеднички фокус треба да бидат младите.
„Ако треба нешто да издвојам, тоа сигурно е потпишувањето нов колективен договор за основно и средно образование и тоа ќе се случи во текот на мандатот на оваа Влада. Пред неколку дена ја остваривме првата средба и начнавме првична дискусија со раководството на СОНК и заедничка заложба е да создадеме повеќе можности за вас“, нагласи Јаневска.
Министерката информираше дека ќе бидат елиминирани оние аспекти на Концепцијата за основно образование кои иницираат незадоволство кај наставниците, учениците и родителите, но и како што рече, ќе го продолжиме и надградиме тоа што е добро и токму вие сте го оцениле како такво. Информираше дека ќе се организираат и повеќе обуки кои се од интерес на наставниците, ќе се работи на обезбедување учебници за сите ученици, а меѓу приоритетите ќе бидат и дигитализацијата и инклузијата на образовниот систем, бидејќи компарациите со земјите од регионот, покажуваат дека доцниме.
Ги повика наставниците за време на собирот да споделуваат добри искуства и практики и да споделуваат информации и идеи со неа, бидејќи, посочи таа, секоја идеја вреди да се разгледа и размисли за ефектите и начинот на имплементација.