Ниту калкулантските коалиции не го спасуваат СДСМ од изборен пораз

Силен подем на довербата на ВМРО-ДПМНЕ кај гласачите покажуваат анкетите објавени изминатите денови, што навестува дека ниту обидите на владејачката СДСМ да кокетира со албанскиот дел од електоратот преку предизборното коалицирање со БЕСА нема да можат да спречат овојпат опозицијата да освои повеќе мандати кои ќе го оневозможат Зоран Заев на натамошни отстапки и трговија со националните и државни интереси.

Во испитувањето на јавното мнение што за потребите на јавниот сервис МТВ, спроведено од Институтот за политички истражувања ИПИС од кое резултатите ќе бидат објавени во четврток, анкетираните граѓани на прашањето за која партија би гласале дури 24,1 процент одговориле дека тоа би го направиле за ВМРО-ДПМНЕ, додека 21,5 отсто тоа би го сториле за СДСМ.

Математички пресметано предноста на ВМРО-ДПМНЕ е некаде околу 65 илјади гласови. А, тоа е речиси двојно повеќе од разликата со којашто ВМРО-ДПМНЕ победи на предвремените избори во декември 2016-та, а која ѝ ги донесе двата мандата предност кои подоцна беа анулирани во политичките пазарање на Заев, во прв ред околу Тиранската платформа и барањата на албанските партии.

Остар и рапиден пад на поткрепата којашто Заев и СДСМ ја имаа кај гласачите покажа и анкетата од изминатиот викенд на ИРИ. Имено обемот граѓани кои го поддржувале СДСМ пред две години сега е намален дури за 20 отсто, и според истражувањето од 21 отсто од гласачите кои би гласале за СДСМ во 2018 година, бројката денес е намалена на 17 отсто, што во апсолутен износ на бројки е пад за 20 проценти, се вели во анкетата.

Од обемната анкета на ИРИ, исто така, воочливо е и дека мнозинство од испитаниците сметаат дека Зоран Заев не заслужува нов мандат. Така се изјасниел дури 54 отто од анкетираните, додека 31 отсто сметаат дека тој добро си ја вршел работата и заслужува уште четири години да ја води владата. Од дополнително истражувањето на ИРИ произлегува и дека сериозно се зголемил процентот на испитаниците кои сметаат дека државата оди во погрешна насока, ако пред две години така мислеле 30 отсто од анкетираните, денес дури 43 отсто сметаат дека тоа е така.

Дека идната влада ќе ја предводат ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, покажа и анкетата којашто ја пред дваесетина дена ја објави и порталот Рејтинг.мк . Тогаш, на прашањето кој ќе ја предводи идната македонска влада дури 67,05 отсто гласале за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, додека пак претседателот на СДСМ Зоран Заев има само 32,95 проценти или двојно помалку од Мицкоски.

Според презентираното досега во прекинатите поради појавата на коронавирусот предизборни активности, пак, може да се очекува довербата и поддршката за ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да растат преку мерките коишто ќе бидат дел од предизборната програма на партијата. А, дека Мицкоски стекнува сѐ поголема доверба од граѓаните се потврди и по неодамнешното телевизиско соочување со Заев на Канал 5, каде што по пуштените анкети кој бил подобар во телевизиското соочување, граѓаните дадоа едногласна поддршка за Мицкоски, а дополнително на ова е и потврдата на социјалните мрежи Твитер и Фејсбук каде што граѓаните коментираа дека тоа бил дуел „меѓу Мицкоски, поборникот за правда и владеење на правото од една страна и Заев како шпекулант со излитени тези од друга страна“.

Според аналитичарите, зголемената доверба од страна на граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се должи на јасната стратегија, конкретните мерки и проекти коишто изминатиот период ги презентираше Мицкоски, како и отворениот пристап на Мицкоски со граѓаните. А, како една од причините за поддршка на ВМРО-ДПМНЕ се наведува и способноста на Мицкоски за соочување со предизвиците.