Нивната Антикорупциска комисија ја урна лагата на СДСМ и Заев за имотот на Мицкоски, Владата стана фабрика за лажни вести со кои ја убивaат вистината, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата со која се потврдува дека нема никаков доказ оти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски извршил каквабило злоупотреба при стекнување на концесии за стопанисување на мали хидроцентрали.
„Најдобар демант на лагите на СДСМ е времето кое покажува дека секоја лага се распрсна пред налетот на вистината“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека Заев и неговата скапо платена пропагандна машинерија се најголемиот извор на лажни вести, односно дека сме станале држава во која Владата е фабрика за лажни вести со кои секојдневно ја убива вистината. Но кога фактите се стопроцентни на страната на вистината, лагите паѓаат, сметаат од оваа партија.
Во соопштенеито се наведува дека повеќе од една година СДСМ отворено дрско лаже и безочно манипулира со јавноста. Осум државни институции секојдневно проверувале документации, и сите до една констатирале дека нема ништо спорно.
„Од обезбедените документи и даденото објаснување, видно е дека во периодот на носење на одлуката за избор на најповолна понуда по Јавен повик за прибирање на понуди за доделување на концесија за користење на вода за изградба на 80 мали хидроцентрали, Христијан Мицкоски немал никаков ангажман од страна на Владата на РМ, ниту пак имал некаква функција во АД ЕЛЕМ” стои во образложението.
Наспроти тврдењата на СДСМ за постоење конфликт на интереси, Државната Комисија за спречување на корупцијата констатира дека Христијан Мицкоски бил именуван за советник на премиерот дури девет месеци по објавата на одлуката за избор на најповолна понуда за доделување на концесија, односно дури една година по назначувањето за член на Надзорниот одбор на АД ЕЛЕМ.
Дури и на една таква чиста ситуација претседателот Мицкоски носи одлука за откажување од неговиот удел во компанијата, пример кој досега не го следи ниту еден владин функционер.
„Очигледно за Заев сака да биде и премиер и бизнисмен и глава на криминалниот октопод кој управува со државата.
Лажните вести Владата ги користи за дефокусирање на јавноста од вистинските скандали, како на пример ослободувањето на Катица Јанева, која очигледно премногу знае за криминалите на Заев и власта, или, пак, да се сокријат стотици илјади евра од државни институции кои завршувале на приватните сметки на луѓето од власта“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и порачуваат:
„Најмалку што може да направи СДСМ и Заев е да се извинат поради изречените лаги и клевети. Ширењето лаги нема да го ублажи падот на оваа влада. Вистинскиот суд доаѓа од граѓаните на 12-ти април кога оваа влада ќе биде жестоко поразена“.