СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ш.Ф.(27), за сторено кривично дело „фалсификување или уништување деловни книги“, И.З.(54) и М.Ф.(34), се пријавени за „фалсификување службена исправа“, Д.Д.(30) за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и Д. М.(62), за „несовесно работење во службата“ (И.З. М.Ф. Д.Д. Д.М. се вработени во Управните служби во Куманово при Министерството за правда).
Првопријавената со цел противправно да се стекне со македонска патна исправа за нејзиниот малолетен син кој е роден во Швајцарија без одобрение на неговиот татко, го поттикнала второпријавениот да извади извод од книга на венчани пред правосилноста на пресудата за развод со нејзиниот сопруг.
По ова, второпријавениот изводот го завел во испратна книга, наместо во книгата за попис на акти, а потоа со третопријавениот го поништиле барањето за извод и останатата документација. Ш.Ф. со нелегално добиениот извод на венчаните и друга документација ги доставила до Д.Д со цел да изврши упис на нејзиниот син во матичната книга на родените, а потоа Д.Д барањето го проследила до Д.М., кој го проследил иако било нецелосно потпишано од страна на двајцата родители, со што повторно и го дал на Д.Д која изготвила извод на родени за синот на Ш.Ф.. По ова, Ш.Ф. го проследила изводот пред Основниот суд во Куманово со цел доделување издршка за синот поради бракоразводна постапка, а го употребила и за добивање на патна исправа за нејзиниот син.