Во периодот од 01.01.2020 до 30.09.2020 година, НЛБ Банка АД Скопје работеше согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2020-та година, притоа од Март 2020 прилагодувајќи го тековното работење на ново настанатата ситуација со пандемијата КОВИД-19, се со цел да се зачува високата ликвидност и солвентност, паралелно со непрекинато давање на услуги и финансиска поддршка на клиентите.
И покрај променетите деловни услови, Банката во 2020 година продолжи со активности за зголемување на понудата за клиентите со нови продукти и платни сервиси. Од август на клиентите во понуда е МКлик мобилен кредит, целосно дигитализиран кредит преку мобилната апликација на Банката, како и потрошувачки кредити за енергетска ефикасност за физички лица и кредити за регионална конкурентност за мали и средни претпијатија од кредитната линија на ЕБРД. Во месец август Банката ја прошири деловната мрежа со нова Експозитура – Тафталиџе во Скопје.
Инвестициите во дигитализацијата и новите технологии, подобрениот квалитет на средствата, посветеноста на сите вработени, како и постигнатите извонредни финансиски резултати во изминатата година, во 2020-та беа наградени од:
-Финансискиот магазин ЕМЕА на Europe Banking Awards 2019 каде НЛБ Банка АД Скопје, четврта година по ред, e избрана за Најдобра банка во C. Македонија.
Биланс на состојба
Заклучно со 30.09.2020 година билансната сума изнесува 92.937.831 илјади МКД, односно се зголеми за 4.760.884 илјади МКД или 5,4% во однос на 31.12.2019година.
Паричните средства и паричните еквиваленти изнесуваат 16.205.180 илјади МКД и бележат намалување од 11,7% во однос на 31.12.2019 заради намалено вложување во благајнички записи и намалена состојба на краткорочни депозити во банки. Намалувањето на вложувањата во благајнички записи е резултат на одлуката на НБРСМ од мај 2020 година за намалување на вкупниот лимит за запишување на благајнички записи кај НБРСМ, додека намалувањето на краткорочните депозити во банки се должи на неповолниот тренд на каматните стапки на депозитите во странска валута. Банката ги користи овие инструменти за управување со вишокот на ликвидност и поддршка на профитабилноста.
Кредитите и побарувањата од банки бележат намалување од 143.188 илјади МКД во однос на 31.12.2019 или 33,7%.
Вкупните Кредити кај небанкарскиот сектор изнесуваат 57.778.082 илјади МКД и бележат зголемување од 5,6% во однос на 31.12.2019. И покрај новонастанатата ситуација со КОВИД-19 со земјата, кредитниот раст кај домаќинствата и нефинансиските правни лица продолжи да се зголемува, со поголема динамика на раст кај домаќинствата и тоа во сегментот кредити за домување и потрошувачки кредити. Кредитите кон секторот држава се зголемија како резултат на учество на банката заедно со други деловни банки во синдициран заем кон Министерството за финансии. Во извештајниот период Банката изврши и редовен билансен отпис на кредити со 100% исправка согласно домашната регулатива.
Вложувања во хартии од вредност изнесуваат 14.830.809 илјади МКД и се зголемени за 35,9% во однос на 31.12.2019. Вложувањата во хартии од вредност со рок на доспевање над три месеци Банката ги користи за управување со вишокот на ликвидност и поддршка на профитабилноста.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања во однос на претходната година се намалени за 27,5%. Намалувањето се должи на редовни годишни исправки на вредноста на нефинансиските средства согласно регулативата на НБРСМ.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат76.636.217 илјади МКД и во однос на 31.12.2019 година се зголемени за 3.757.991илјади МКД или за 5,2%. Зголемувањето на депозитите се должи на нови клиенти од сегментот домаќинства кои се приматели на пензии, плата и други видови примања, нови клиенти кои ги користат физичките и електронските платни сервиси на Банката и нови клиенти од сегментот нефинансиски правни лица, како и на зголемувањето на приливот на средства на сметките на постојните клиенти во домашна и странска валута.
Обврски по кредити се намалени за 236.796 илјади МКД или за 36,8%, што се должи на редовни одплати по наменските кредитни линии кои Банката ги користи за потребите на клиентите.
Субординираните обврски се зголемени за 1,7% во однос на 31.12.2019 година.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката се зголемени 10,7% и изнесуваат 12.884.856 илјади МКД. Во извештајниот период Банката ги зголеми резервите со распределба на 177.648 илјади МКД од добивката од 2019 година во сопствените средства на Банката со што дополнително ја зајакна капиталната позиција над законските и регулаторните барања.
Биланс на успех
Нето каматните приходи, заклучно со 30.09.2020 година се пониски за 1,3%споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се пониски за 4,0%, главно поради пониски каматни приходи од секторот нефинансиски правни лица и вложувања во хартии од вредност, додека расходите по камати се пониски за 19,2% главно поради пониски каматни стапки,преструктурирање на изворите во корист на средства по видување и намалување на расходи за субординирани обврски.
Нето приходите од провизии се пониски за 0,4% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од провизии се намалени за 1,0% како резултат преземените мерки на Банката за олеснување на последиците од КОВИД-19 пандемијата кај клиентите како што се времено укинување на надоместоците за електронско банкарство, како и пад кај приходите во доменот на картично работење поради намалената потрошувачка активност на клиентите во странство во услови на криза. Расходите за провизии се намалени за 2,2%, главно поради одлуката на НБРСМ за времено укинување на надоместоците за вршење на кеш услуги.
Останатите некаматни приходи изнесуваат 306.399 илјади МКД и се повисоки за40,9% во однос на истиот период претходната година, главно поради остварени повисоки наплати на претходно отпишани побарувања кај нефинансиски правни лица и население како и остварена капитална добивка од продажба на превземени средства.
Вкупните приходи од работење изнесуваат 3.304.026 илјади МКД и се повисоки за 1,7% во однос на истиот период претходната година.
Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 1.405.399 илјади МКД и се намалени за 1,8% при што трошоците за вработени се повисоки за 0,4%, трошоците за амортизација се повисоки за 10,0%, останатите расходи од дејност се пониски за6,2% во однос на истиот период претходната година.
Заклучно со 30.9.2020, беа издвоени Исправки на вредноста на финансиските средства и вонбилансна изложеност, на нето основа во износ од 444.415 илјади МКД или 128,5% повеќе во однос на истиот период претходната година соодветно на структурата, квалитетот и порастот на кредитната изложеност. Исправките на вредност на нефинансиски средства изнесуваат 48.198 илјади МКД.
Бруто добивката на Банката заклучно со 30.09.2020 година изнесува 1.406.014илјади МКД и е намалена за 13,1% во однос на истиот период претходна година.
Нето добивката на Банката заклучно со 30.09.2020 година изнесува 1.265.413илјади МКД и е намалена за 13,1% во однос на истиот период претходна година.