НЛБ Банка ќе исплати дивиденда во висина од 24,8 милиони евра

На Собранието на акционери на НЛБ Банка одржано на 19.11.2021 година беа усвоени: одлуката за употреба на акумулирана добивка на Банката од 2019 и 2020 година, како и одлуката за распределба на дивиденда и утврдување на дивиденден календар.

НЛБ Банка, од остварените добивки за 2019 и 2020 година кои се во вкупен износ од 57,8 милиони евра, со одлука на акционерите во 2020 и 2021 година, задржа нераспределен профит во вкупна вредност од 43,8 милиони евра.

На ова Собрание акционерите одлучија, за докапитализација на Банката, задржување на 19 милиони евра од нераспределената добивка од 2019 и 2020 година, со цел исполнување на дополнителното капитално барање и поддршка на амбициозните планови на Банката за раст и развој во клучните сегменти од работењето. Останатиот дел во износ од 24,8 милиони евра, согласно изгласаната одлука на Собранието на акционери, ќе се распредели за исплата за дивиденда. Бруто износот на дивиденда по акција изнесува 29,06 евра, односно 1.787 денари.

Исплатата на дивиденда ќе започне 30-от ден од одржувањето на Собранието на акционери. Последен датум на тргување со право на дивиденда е 1.12.2021 година, додека прв датум на тргување без право на дивиденда е 2.12.2021 година.

Датумот на евиденција според кој се определува листата на акционери кои имаат право на делот од добивката наменет за дивиденда е 3.12.2021 година, потврдено со Изводот на акционерската книга на Централен депозитар на хартии од вредност.

НЛБ Банка и оваа година остварува одлични резултати и заклучно со 30.09.2021 година нето-добивката изнесува 27,5 милиони евра и годишен пораст од 33,5%.