Нобеловата награда за физиологија и медицина за 2022 година му е доделена во понеделникот на шведскиот биолог Сванте Пјаебо, објави Нобеловскиот комитет при Каролинскиот институт во Стокхолм.
Научникот е лауреат на најпрестижната научна награда „за неговите откритија во областа на геномот на исчезнатите хоминиди (семејството примати, вклучително и хомо-сапиенс) и човековата еволуција“, се наведува во образложението на комитетот.
Со своето истражување, Пјаебо успеал да го постигне она што се сметаше за невозможно во научниот свет, односно секвенционирање на геномот на неандерталецот.
„Тој, исто така, направи сензационално откритие за претходно непознат хоминид – Денисовскиот човек“, се додава во образложението.
Шведскиот биолог открил и дека пренесувањето на генот од изумрените хоминиди до хомос-сапиенсот се случил откако тие мигрирале од Африка пред 70.000 години. Кај современиот човек овие гени одредуваат како имунолошкиот систем реагира на инфекции. Истражувањата на Пјаебо изродиле сосема нова научна дисциплина – палеогеномика.
„Откритијата на Пјаебо создадоа уникатен ресурс, кој нашироко се користи од научната заедница за подобро разбирање на човековата евакуација и миграциите“, појаснуваат шведските експерти.
„Благодарение на откритијата на Сванте Пјаебо, сега разбираме дека архаичните генски секвенци на нашите исчезнати роднини влијаат на физиологијата на современите луѓе. Еден таков пример претставува денисовската верзија на генот EPAS1, кој дава предност за преживување на голема надморска височина и е вообичаен меѓу современите Тибетанци. Други примери претставуваат неандерталските гени, кои влијаат на нашиот имунолошки одговор на разните видови инфекции“, се додава во образложението.