Меѓународната кампања за забрана на нуклеарното оружје (ICAN) е добитничка на годинешната Нобелова награда за мир „поради укажување на катстрофалните хуманитарни последици од употребата на нуклеарното оружје во кои и да е цели“, соопшти во петокот претседателката на норвешкиот Комитет за доделување на Нобеловата награда за мир, Берит Реис-Андерсен.
Годинава за оваа престижна награда претендираа 318 кандидати, од кои 215 физички лица и 103 општествени и меѓународни организации. Тие, како и кандидатите за другите четири Нобелови награди, ќе може да станат познати за јавност по 50 години.
Комитетот пособено го истакна укажувањето од страна на ICAN на недостатоците во меѓународните закони по прашањето на ограничувањето на нуклеарното оружје. ICAN е „водечкиот фактор на граѓанското општество во настојувањата да се оствари забрана за нуклеарното оружје според меѓународните закони“, истакнува во изјавата Берит Реис-Андерсен.
Одлуката Нобеловата награда за мир да им се додел на ICAN би требало да ги охрабри земјите со нуклеарно оружје да ги разгледаат своите обврски во однос на нуклеарното разоружување, додава Реис-Андерсен.
Според тестаментот на шведскиот научник и претприемач Алфред Нобел од 1901 година наградата за мир треба да се врачи на „лице коешто сторило најмногу на збратимување на народите, укинување или намалување на војските или за одржување или промовориање на мировните конгреси“.
Минатата година наградата му припадна на колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос за потпишување на мировниот договор со левичарската герилска организација FARC со што беше запрена речиси полувековната граѓанска војна во земјата.
За разлика од другите Нобелови награди, за коишто според завештанието на нивниот основач, церемонијата на врачувањата на наградата за мир се одржува во Осло, истиот ден кога во Стокхолм се врачуваат и признанијата за медицина, хемија, физика и литература, на 10-те декември, денот на смртта на Алфред Нобел.
Сумата за секоја од Нобеловите награди за 2017 година изнесува 9 милиони шведски круни, односно милион американски долари. Лауреатот се наградува со златен медал со ликот на Алфред Нобел со соодветен натпис, со диплома и со чек на востановената сума.