Нобеловата награда за хемија за асиметричната органокатализа

Нобеловата награда за хемија за 2021 година им е доделена на Бенџамин Лист и Дејвид Мекмилан за разокот на асиметричната органска катализа, метод кој значително влијаел врз развојот на новите лекови и ја направил хемијата еколошка, соопшти во средата Нобеловиот комитет.

Овој метод се користи во синтезата на молекулите. Кралската шведска академија на науките во објавата го истакнува придонесот на научниците во создавањето ефикасни лекови и „позеленувањето“ на хемиската индустрија.

Дејвид Мекмилан е британско-американски хемичар, кој во моментов работи на американскиот Универзитет Принстон. Бенјамин Лист, пак, е германски хемичар од Институтот за истражување на јагленот при Институтот Макс Планк. Двајцата независно еден од друг, во 2000 година го развија револуционерниот метод за асиметрична органска катализа.

Со катализата се забрзува хемиската реакција со супстанцијата што не влијае врз добиениот производ, а супстанциите кои учествуваат во тој процес се нарекуваат катализатори. Органската катализа користи катализатори кои се состојат од јаглерод, водорд, сулфур и други неметални елементи.

Минатата година оваа награда ја добија Џенифер Дудна и Емануел Шарпантие за уредување на геномот CRISPR/Cas9.