Минатиот месец бил најтоплиот досега регистриран ноември на Земјата, а во Европа е забележана најтоплата есен, покажуваат податоците во извештајот на Службата за климатски промени на Европската унија (Copernicus) објавени во понеделникот, во пресрет на петгодишнината од потпишувањето на Парискиот договор за климатските промени.
Севкупно, 2020 година според температурата на воздухот се приближува до најтоплата година забележана откако се вршат ваквите мерење – 2016-та.
Најмногу натпросечни температури во ноември се евидентирани во северна Европа, Сибир и на Арктикот, каде што поради драстичното топење на „морскиот мраз“ е забележанано неговото второ најниско ниво во ноември досега.
Значително повисоки температури од просечните се регистрирани и во САД, Јужна Америка, јужна Африка, на Тибетската висорамнина, во областа на источен Антарктик, како и во поголемиот дел од Австралија.
Според податоците на Светската метеоролошка организација (СМО – WMO), глобалната темпертура од јануари до октомври била за 1,2 Целзиусови степени повисока од онаа во прединдустрискиот период.
„Податоците се во согласност со долгорочниот тренд на глобалниот тренд на загревањето. Сите креатори на политиките кои сметаат дека приоритет е да се ублажат климатските разлики, овие податоци би требало да ги доживеат како сирена за аларм и посериозно од кога и да е да започнат да размислуваат за тоа на кој начин најдобро да ги испочитуваат насоките од Парискиот договор од 2015-та“, изјави Карло Буонтемпо, директор на Службата за климатски промени во програмата „Copernicus“.
Без оглед на темепературите коишто ќе бидат измерени до крајот на годината, оваа деценија ќе биде забележана како најтоплата досега. Покрај тоа, треба да се води сметка и за тоа што шесте најтопли години откако постојат ваквите мерења се забележани од 2015 година до оваа.
„И трендот на драстичното топење на морскиот мраз предизвикува загриженост и предупредува на важноста од сеопфатно следење на промените на Арктикот, бидејќи овој континент се загрева побрзо од остатокот на светот“, предупредува Буонтемпо.
Европската програма „Copernicus“ е наменета за воспоставување европски капацитети за набљудување на Земјата. Се состои од низа сложени системи кои собираат податоци од повеќе извори: сателити наменети за набљудување на Земјата и сензори сместени на нејзинината површина, во воздухот и на морињата. Со програмата се обезбедуваат редовни следења и надзор над атмосферата, океаните и компнениете површини.