Нормализиран автобускиот сообраќај во Скопје, нафтата се испорачува

Автобускиот сообраќај во Скопје денеска е нормализиран, потврди за МИА директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски. Тој вели дека количините на нафта не се испорачани целосно, но испораката сега за сега е доволна.

-Нормализиран е јавниот превоз денеска. Сите линии сообраќаат, исто како и претходно, односно исто како пред да се појави проблемот со недостиг на горивото. Сите автобуси кои се во возна состојба редовно сообраќаат, рече Кушовски.

Прашан дали се испорачани сите количини на нафта, тој одговори дека не се испорачани целосно количините, туку се испорачуваат сукцесивно. Сепак, напомена, испораката сега за сега е доволна.

Јавниот превоз во Скопје изминатите два дена беше редуциран поради недостиг на нафта, односно беа пуштени околу триесетина автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие од кои 25 се на природен гас и уште неколку кои имаа резерви на нафта. Владата вчера на итна седница одлучи да прогласи кризна состојба и да му даде нафта за следните седум дена од државните резерви.

Кушовски синоќа за МИА потврди дека нафтата пристигнува во базните станици на претпријатието во Автокоманда и Ѓорче Петров и оти во текот на ноќта резервоарите на автобусите ќе бидат наполнети.

За денеска во 14:00/14:30 часот се најавени јавни протести поради состојбата со превозот во градот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ кои ќе се приклучат на протестот што ќе се одржи пред бараките на Град Скопје.