Норвешка објави дека ќе им понуди на енергетските компании рекорден број на локации за истражување на нафта и гас на Арктикот, со цел да се зголеми производството.
Најголемиот европски снабдувач на гас и главен извозник на сурова нафта се подготвува да им понуди на енергетските компании 78 блока во Баренцовото Море, најмногу откако почнаа да се организираат аукции во 2003 година.
Осло, исто така, планира да понуди 14 нови блокови во Норвешкото Море, исто така во зоната на Арктикот. Владата на тој начин ќе понуди 92 нови блока за експлоатација оваа година, во споредба со само 28 во 2022 година. „Овозможувањето на нови откритија на север е важно за Европа, земјата и регионот“, рече норвешкиот министер за нафта и енергија Терје Асланд.
Според официјалните норвешки проценки, само третина од наоѓалиштата на нафта и гас се откриени во Баренцовото Море. Осло планира да го зголеми производството на нафта и гас со цел да ѝ компензира на Европа за изгубените руски извори на енергија, но животната средина би можела да ја плати цената.
Водите во близина на ледената покривка на Арктикот се важни места за исхрана на бројни видови, од зоопланктон до поларни мечки и китови. Активистичката еколошка организација Гринпис предупреди дека повеќето од понудените блокови се „далеку северно“ од Баренцовото Море, а некои се во области каде ледената покривка останува во текот на годината.
„Владата е креатор на политика која е непријател на природата и климата“, се вели во соопштението на Гринпис Норвешка. Ледената покривка на Арктикот се шири во зима и се намалува во лето. Во последниве години, е намалена поради климатските промени, велат научниците.
„Владата сè уште мисли дека Норвешка треба да биде на врвот во светот во однос на извозот на фосилни горива и загадувањето во остатокот од светот. Климатската криза бара сосема спротивен одговор“, напиша претставник на малцинската партија Социјалистичка левица, Ларс Халтбрекен на Твитер.