Норвешка ги „омрси мустаќите“ поради високите цени на бензинот во Европа

Норвешкиот енергетски гигант Equinor во средата објави дека неговата добивка во првиот квартал е зголемена за повеќе од четири пати. На ова влијаеше скокот на цените на бензинот во Европа во периодот на ниски залихи и ограничена понуда поради војната во Украина.
Прилагодениот профит пред оданочување се зголеми за повеќе од четири пати во првиот квартал и достигна 18 милијарди долари. Вкупниот приход е повеќе од двојно зголемен, на 36 милијарди долари.
Продажбата на природен гас сега е најпрофитабилниот бизнис на Equinor, кој ја засенува нафтата, традиционално главниот извор на приход, благодарение на напорите на Европа да ги пополни исцрпените складишни капацитети бидејќи може да го изгуби пристапот до рускиот гас поради војната во Украина.
Просечната фактурирана продажна цена на природниот гас во Европа во првите три месеци од оваа година била за 345 отсто повисока од првиот квартал од 2021 година поради ниски залихи, голема побарувачка и ограничена понуда, објави норвешката компанија.
„Го оптимизиравме производството на гас за да ги зголемиме испораките, а Хамерфест ЛНГ треба да биде лансиран на 17 мај, по безбедносните проверки“, рече извршниот директор Андерс Опедал, мислејќи на гасната централа на Арктикот затворена по пожарот во 2020 година.
Компанијата го потврди планот за повлекување од Русија, отпишувајќи средства од 1,1 милијарди долари во првиот квартал и суспендирајќи ги набавките.
„Equinor престана да тргува со руска нафта. Тоа значи дека повеќе нема да склучува нови трговски зделки или да преговара за транспорт на нафта и деривати од Русија“, се вели во соопштението.