Норвешка ќе ја заостри регулацијата на производството на струја од хидроцентралите, а можеби и ќе го ограничи извозот за да го осигури нивото на водата во акумулациските езера, изјавија од министерството за енергетика поттикнувајќи ја загриженоста за снабдувањето на европските пазари.
Норвешка околу 90 отсто од електричната енергија произведува во хидроцентралите, а нејзиниот пазар е поврзан со нордиските соседни, но и со Германија, Холандија и Велика Британија.
Ова лето нивото на водата во клучните акумулациските езера паднало на рекордно ниските нивоа, подигнувајќи ја цената на електричната енергија за домаќинствата и за компаниите, навикнати на евтина енергија.
На почетокот од август владаа најави построга регулација на производството на струја, додавајќи дека на крајот би можела да го ограничи и извозот за акумулациските езера да не останат без вода, без да наведе други поединости.
Операторите преносни системи во Данска, Финска и Шведска веднаш реагираа, повикувајќи ја Норвешка да преиспита својата одлука, којашто, како што тврдат, може негативно да влијае врз европскиот пазар на електричната енергија.
Норвешкиот министер за нафта и енергетика Терје Асланд одговори дека најавените чекори се неопходни и во интерес на соседите, имајќи предвид дека ќе осигури услови за производство струја во хидроцентралите и во иднина да биде дополнување за нестабилната струја од ветроцентралите.
„Доколку нашите резервоари останат без вода, светлата во Норвешка ќе се изгаснат, па нема да имаме со што да помогнеме доколку Данска или Германија немаат ветер“, изјави Асланд во разговор за Reuters.
Иницијативата ја спореди со настојувањата на Европската унија да го одреди минималното ниво на гас во складиштата во пресрет на сезоната на греење.
„Во ЕУ го намалуваат производството во гасните централи на минимум за да заштедат гас за зимата. Норвешка го применува истиот принцип, но врз основа на складирањето на хидроенергијата. Тука нема никаква драма“, појаснува Асланд.
Мерките коишто би можеле да доведат до ограничување на извозот не би се темелеле на цената, туку на безбедноста на снабдувањето, додава норвешкиот министер, истакнувајќи дека неговата земја и натаму е подготвена на прекугранична енергетска соработка.
„И нам ни е потребен увоз кога имаме малку вода во акумулациите“, потсетува Асланд.